Наполи доживеа пораз од Челси од 3-2 и со тоа го заврши настапот во Лигата на шампионите за оваа сезона.
На наполитинаците им беше потребен позитивен резултат, победа која во еден момент ја имаа (водеа со 2-1), но во вториот дел дозволија противникот да направи пресврт и со тоа триумфално да го напушти стадинот „Диего Армандо Марадона“.
Тренерот Антонио Конте не беше задоволен од конечниот епилог, а меѓу редови го „пецна“ и противникот потенцирајќи колку многу има вложено, вложува во составот.
- Секако дека е разочарувачки. Не за вечерва, бидејќи мислам дека одигравме неверојатен натпревар против Челси. Не заборавајте дека игравме само со 13 играчи – останатите беа повредени. И покрај ова, мислам дека заслуживме многу повеќе од тоа да го изгубиме натпреварот.
- Позитивно е што продолживме да работиме. Од друга страна, има разочарување. Горд сум, не е лесно да се игра против Челси на овој начин или да се доведат во тешкотии на овој начин. Заслужувивме многу повеќе отколку да го изгубиме натпреварот, - рече Италијанецот и додаде:
- Ако сакате да имате успех во ова натпреварување, треба да се инвестираат многу пари и да имате не само еден тим [од играчи], туку два, можеби два и пол. Како Челси. Ако вечерва ја видите разликата меѓу нас и нив, таа е премногу голема, разликата е премногу голема. Мораме да дадеме се од себе и го направивме тоа, но знаете дека во Лигата на шампионите често има исти победници,- порача Конте.








