Индија веднаш ќе ги намали царините за луксузни европски автомобили од 110 проценти на 30 проценти според новиот трговски договор со ЕУ, отворајќи строго контролиран пазар за производителите на луксузни автомобили како што се БМВ и Мерцедес-Бенц, изјави денеска висок индиски функционер.
Индија и Европската Унија во вторник го финализираа долгоодложуваниот договор со кој ќе се намалат царините за повеќето стоки и ќе се поттикне трговијата во време кога владите ширум светот се обидуваат да се заштитат од нестабилните политики на САД, објави Ројтерс.
Индија е трет по големина пазар на автомобили во светот по продажба, по САД и Кина. Но, нејзината домашна автомобилска индустрија е меѓу најзаштитените во светот, при што владата наметнува царини помеѓу 70 и 110 проценти на увезените автомобили.
Иако населената земја се согласи според договорот постепено да ги намали увозните давачки за автомобили над увозна цена од 15.000 евра (17.963 долари) на 10 проценти, деталите за тоа како ќе се спроведат намалувањата не се објавени.
Висок функционер на индиската влада, сепак, изјави дека Њу Делхи се согласил веднаш да ги намали увозните давачки за 100.000 автомобили со мотор со внатрешно согорување годишно, поделени во три ценовни категории.
Европските автомобили со увозна цена од 15.000 до 35.000 евра ќе имаат намалување на царината од 35 проценти, со годишен увоз ограничен на 34.000 единици, рече функционерот, кој побара да не биде именуван бидејќи договорот сè уште бара правна ревизија.
Автомобилите со цена помеѓу 35.000 и 50.000 евра ќе подлежат на царинска давачка од 30 проценти, а увозот ќе биде ограничен на 33.000 единици годишно, додека за 33.000 автомобили со цена над 50.000 евра, царинската давачка исто така ќе биде 30 проценти.








