Младата менаџерка Ноја Цион останала во шок кога го видела своето лице на телевизиските вести кои известувале за жртвите убиени на протестите во Иран.
„Што се случува? Јас сум тука, жива сум, седам дома и за половина час одам на тренинг. Никогаш во животот не сум била во Иран“, рекла Ноја во снимката што ја објавила на социјалните мрежи.
Лажната вест за нејзината смрт ја објавила израелската национална телевизија „Channel 12“, во извештај за израелски жртви на протестите во Иран.
Ноја, која тврди дека никогаш во животот не била во Иран и дека во таа земја нема ниту роднини ниту пријатели, била шокирана кога во понеделник на телевизија ја видела својата фотографија со наслов: „Четворица Евреи убиени на протестите во Иран“.
Во извештајот, Цион била идентификувана како Саназ Џавахеријан, наводна демонстрантка за која телевизијата тврдела дека иранските безбедносни сили ја претепале до смрт.
„Никогаш не мислев дека ова ќе ми се случи“, рекла Цион, а нејзиниот татко новинарите што го објавиле тоа ги нарекол будали.
Објавата на Ноја предизвикала бројни коментари на социјалните мрежи, а многумина рекле дека тоа е вистински пример за пропагандата што ја шират израелските национални медиуми. „Channel 12“ не се извинил за својата грешка, туку само објавил дека фотографиите на наводните еврејски жртви се шират на социјалните мрежи ширум светот, па така и во Израел.












