Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска изрази целосна поддршка за протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и за барањата на работниците упатени до Владата.
„Вчера попладне имавме состанок на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и зазедовме став да се поддржи денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да се поддржат барањата коишто работниците ги имаат до Владата. Сметам дека барањата се реални, дека се објективни, дека поголема плата е заслужена и вистински потребна и за преживување на работничките семејства во државата. Јас жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено тогаш, ковид кризата и енергетската криза“, истакна Филипче.
Тоа, како што рече, е резултат на една добро водена економска политика во државата, кога во државата имаше и добра реализација на капитални инвестиции, кога имаше и странски инвестиции, а сето тоа во оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, го нема, лошо функционира.
„Едноставно сме соочени со ситуација во којашто се што владата прави се само нови и нови задолжувања, кои што ќе ги враќаат следните генерации. Даваме максимална поддршка за денешниот протест. Жалам што пред неколку месеци оваа власт не го поддржа нашиот предлог за зголемување на минималната плата. Ние ќе продолжиме и понатаму, во следниот период да изнаоѓаме и предлагаме законски решенија со што ќе го подобриме стандардот на граѓаните“.












