Северна Кореја денес потврди испробување на систем за повеќекратно лансирање ракети со долг дострел, а лидерот Ким Џонг-ун изјави дека претстојниот конгрес на владејачката партија ќе ги претстави плановите за следната фаза од понатамошно зајакнување на нуклеарното одвраќање на земјата, објави државната новинска агенција КЦНА, пренесува „Анадолу“.
Ракетната администрација на Кореја (ДНРК) спроведе тест во вторникот за да ја потврди ефикасноста на системот за лансирање ракети надграден со нова технологија.
Ким лично го надгледуваше лансирањето, во придружба на високи функционери.
За време на тестот, беа испукани четири ракети кои ја погодија целта во водите оддалечени 358,5 километри од местото на лансирање.
Ким рече дека тестот имал „големо значење за подобрување на ефикасноста на нивното стратешко одвраќање, тврдејќи дека техничките достигнувања ја максимизирале удирачката способност на системот.
„Сигурен сум дека ниедна друга земја нема да се стекне со таква технологија или да поседува такви капацитети барем уште неколку години“, рече тој, предупредувајќи дека резултатите би претставувале сериозна закана за силите што сакаат воен конфликт со Пјонгјанг.
Тој додаде дека следниот Конгрес на Работничката партија на Кореја ќе ги разјасни идните планови за понатамошно зајакнување на нуклеарното одвраќање на нацијата, потврдувајќи дека градењето на сигурна офанзивна способност останува клучна насока на националната одбранбена политика на партијата.
Во вторникот, владите на Јапонија и Јужна Кореја соопштија дека Северна Кореја испалила две балистички ракети кон Источното Море.
Лансирањата беа втори овој месец, по 4 јануари, кога јужнокорејскиот претседател Ли Џе-Мјунг ја започна државната посета на Кина.








