Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари, просечната плата на медицинските сестри со средно образование е 31.934 денари, а најниска плата во здравството е 21.158 денари.
Овие податоци денеска ги соопшти Фондот за здравствено осигирување. Од таму истакнуваат дека платите во здравството не растат само номинално туку и реално и дека во март е планирано ново покачување.
„Во јавноста се создаваат перцепции дека властите се спротивставуваат на зголемувањето на минималната плата. Сепак, примерот на здравството јасно покажува дека здравствените власти не само што не се пречка, туку активно го поддржуваат зголемувањето на платите во јавното здравство. Најниската основна плата во јавното здравство во 2025 година изнесува 27.158 денари нето и во однос на 2023 година бележи номинално зголемување од 22,2%, додека реалното зголемување изнесува 13,4%. Тоа значи дека растот на оваа плата е за толку повисок од инфлацијата во истиот период. Најниската плата во јавното здравство е за 11,4% повисока од минималната плата во државата. Основната нето плата за медицинските сестри со средна стручна спрема (ССС), согласно гранковиот колективен договор, во 2025 година изнесува 31.934 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 24,5%, додека реалното зголемување е 15,6%“, соопшти ФЗОМ.
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 15,8%, додека реалното зголемување е 7,5%. Во 2025 година, оваа плата е за околу 9,5% повисока од просечната нето плата во целокупната економија на земјата.
Според ФЗОМ, овие податоци јасно укажуваат дека платите во здравството не растат само номинално, туку и реално.
„Со постигнатиот договор со репрезентативните синдикати, во март 2026 година е предвидено дополнително зголемување на платите во јавното здравство од најмалку 5%, согласно спогодбата од 2025 година која предвидува раст на платите од 5 до 7 проценти. Постои јасна и континуирана посветеност кон соодветно вреднување на трудот на здравствените работници“, велат од Фондот за здравствено осигурување.












