Салвини до Зеленски: Потпиши мировен договор, ја губиш војната и достоинството

Макфакс

26/01/2026

14:56

539

Големина на фонт

а а а

Потпретседателот на италијанската влада и лидер на партијата Лига, Матео Салвини, смета дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба што е можно побрзо да потпише мировен договор.

„По сета финансиска помош, трудот и поддршката што ги доби, Зеленски сè уште се осмелува да се жали. Пријателе, ја губиш војната, ги губиш луѓето, ја губиш довербата и достоинството. Потпиши мировен договор што е можно побрзо“, порача Салвини за време на говор пред сопартијците.

И италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани го критикуваше Зеленски поради говорот што го одржа на Светски економски форум во Давос.

„Ми се чини дека тој не е баш коректен кон Европа. Ми се чини дека Европа ја гарантираше независноста на Украина, правејќи сè што беше можно за таа земја да добие политичка, финансиска и воена поддршка“, изјави Тајани.

Во својот говор во Давос, Зеленски изнесе повеќе критички оценки на сметка на Европа. Особено ги критикуваше, како што наведе, недоволните мерки на Европска унија во сузбивањето на руската „флота во сенка“.

„Европа сака да разговара за иднината, но избегнува да дејствува денес, а токму денешното дејствување одредува каква иднина ќе имаме. Тоа е проблемот. Зошто претседателот на САД може да ги запре танкерите од ‘флотата во сенка’ и да ги прекине испораките на нафта, а Европа не може?“, праша Зеленски.

Тој потсети и дека стравот од руска одмазда ја спречил Европска комисија да го спроведе својот првичен план за заем за воени репарации за Украина, кој требало да се темели на користење на замрзнатиот руски имот.

Зеленски, исто така, ѝ замери на Европа за пристапот кон безбедносните прашања, вклучително и темата за Гренланд, истакнувајќи дека европската политика премногу често останува на ниво на дебати, без конкретни чекори.