Не е тајна дека Мицкоски има работено во бизнис секторот и има добро заработено, велат од ВМРО-ДПМНЕ за скапите часовници на премиерот

Макфакс

26/01/2026

10:26

420

Големина на фонт

а а а

Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, нешто коешто тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по соопштението на СДСМ во кое наведуваат дека Мицкоски има часовници што вредат 60.000 евра.

„Тоа е се до моментот пред да влезе во политиката, каде што престанува со било каков вид на бизниси и работење за приватни фирми. И што е најважно, се е чесно, транспарентно и до детал објаснето за неговите примања што ги имал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна пак, додаваат од партијата, го имаме Филипче и Заев, едниот хирург, другиот земјоделец од Муртино, кои пред да влезат во политиката се никој и ништо, а по нивното владеење или се уште активно појавување во политиката, се здобија со куќи во Нерези, станови и згради во Дубаи, акции во индиски авиокомпании, фирми во и надвор од државата со сомнителен капитал, подароци од фирмите што добивале тендери во вид на автомобили, проценти од тендери, договори и слично.

„Е ова е разликата помеѓу претседателот Мицкоски и Филипче и Заев. Тоа што овие двајца од СДС од голтари станаа милионери со помош на власта, а претседателот Мицкоски има заработено чесно и на лесно проверлив начин може да се види како заработувал. Пред СДС да каже повторно нешто колку да каже, нека погледне во сопствениот двор. П.С. Ако имаат сомнеж за нешто незаконско, нека се обратат на судиите и обвинителите кои им слугуваат, нека проверат. Ете на оние истите што им помагале да ја откупат Жан Митрев“, се наведува во реакцијата