Повеќе од 200.000 работници во земјата примаат плата под прагот на сиромаштија, ССМ повика на масовност на протестот в среда

A1ON.MK

25/01/2026

15:26

386

Големина на фонт

а а а

Сојузот на синдикатите на Македонија објави повик за протестот во среда, 28 јануари 2026 година, со главна цел зголемување на минималната плата на 600 евра, односно зголемување на работничките плати за најмалку 6.000 денари.

Протестот ќе започне во 17:00 часот пред Работнички дом на ул. Мирче Ацев бр.6 во Скопје и ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.

Во соопштението, синдикатите потенцираат дека повеќе од 200.000 работници во земјата примаат плата под прагот на сиромаштија, односно под 31.200 денари месечно, и дека повеќегодишното одбивање за покачување на платите довело до економска и социјална неправда.


– Овој протест не е за „ако имаш време“ па ќе дојдеш, не е ниту за ,,чекај сега, кај најдоа да протестираат во 17 ч., ќе биде темно и ладно, може и ќе врне, може друг ќе протестира па ќе завршат работа”. Овој протест е за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први, а кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно со тебе.Овој протест е затоа што те потценуваат и понижуваат и газдите и властите, затоа што на едните им е важно за ниски плати да им го стварате капиталот, а на другите им е важно со ниски плати да ги гласате за да Ве владеат, да владеат сиромашен народ, но послушен народ, затоа што ако имате пристојна плата и пристојна работа нема да мислите ниту на едните ниту на другите. Овој протест е за сите вас, за Вашите деца, за Вашите внуци за тоа што со мизерни плати некој свесно Ве брка и Ви ги брка од Државата.Овој протест е против неправдата, против неправдата тие да имаат, а вие да немате, неправдата која значи 250 евра зголемени плати за нив и 78 % зголемени плати на нив (избраните и именуваните), 250 евра зголемена плата на истите тие на кои Вие им ја давате моќта и платата, а тие не водат грижа за Вас и Вашите семејства. Овој протест е затоа што сакаат да ве заменат со ефтина работна сила од странство, а вие да ги гласате, се вели во отвореното писмо од ССМ.

ССМ укажува дека платите во јавниот сектор, вклучително во здравството, образованието, културата, полицијата и администрацијата, оваа година ќе останат непроменети или минимално усогласени, додека на избраните и именуваните функционери се планира зголемување од 10%, односно 200 до 300 евра.

Протестот се одржува вон работно време, а синдикатите најавуваат дека ќе се обезбеди безбедно движење на граѓаните кои ќе треба да минуваат по маршрутата на протестот.

ССМ повикува работниците и граѓаните да се приклучат на протестот за зголемување на платите и за заштита на работничките права.