[ВИДЕО] Вонредна состојба и предупредувања поради бура за над 140 милиони луѓе во САД: Стотици илјади Американци останаа без електрична енергија

Точка

25/01/2026

13:20

815

Големина на фонт

а а а

Снежна бура предизвика сериозен хаос низ Соединетите Американски Држави, поради што за над 140 милиони луѓе, односно повеќе од 40 проценти од населението, е издадено предупредување за опасни временски услови. Поради невремето, речиси 12.000 летови планирани за викендот се откажани, јавуваат американските медиуми.

Предупредувањето се протега од Ново Мексико до Нова Англија, при што Националната метеоролошка служба најави обилни снежни врнежи и замрзнување на коловозите од источен Тексас до Северна Каролина. Во делови од југоисточна Оклахома, источен Тексас и Луизијана е регистрирано формирање мраз со дебелина до 0,6 сантиметри.


Најтешко погодена држава е Тексас, каде без електрична енергија останаа повеќе од 82.000 потрошувачи. Потоа следува Мисисипи со повеќе од 80.000 корисници без напојување. Во Луизијана се евидентирани повеќе од 71.000 корисници без електрична енергија, во Тенеси повеќе од 24.000, а во Ново Мексико повеќе од 16.000.

Метеоролозите предупредуваат дека по завршувањето на бурата ќе следи екстремно ниска температура, поради што снегот и мразот ќе се топат многу бавно, дополнително отежнувајќи ја нормализацијата на состојбата. Во некои региони штетите од мразот би можеле да бидат споредливи со оние предизвикани од урагани.

Поради приближувањето на бурата, најмалку 20 сојузни држави прогласија вонредна состојба: Алабама, Арканзас, Делавер, Џорџија, Индијана, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна Каролина, Пенсилванија, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас и Вирџинија. Вонредна состојба прогласи и Вашингтон, Ди.Си.


Авиосообраќајот е сериозно нарушен, при што сите летови беа откажани на некои аеродроми, вклучително и во Оклахома Сити, додека меѓу најпогодените се аеродромите во Далас, Нешвил и Шарлот.

Особено загрижувачки се температурите на Средниот Запад, каде се измерени и до минус 40 степени Целзиусови, што носи ризик од смрзнатини за само неколку минути.


Во Висконсин е измерена температура од минус 38 степени, најниска во последните речиси три децении.


Американската администрација соопшти дека е во постојана координација со државните и локалните власти, а девет сојузни држави побараа прогласување вонредна состојба со цел активирање федерални ресурси за справување со последиците од екстремното невреме.