СДСМ: Лиценцата за „4iG“ не е само бизнис потег, тоа е дел од поширок политички план

Макфакс

22/01/2026

09:44

238

Големина на фонт

а а а

Од СДСМ велат дека со длабока загриженост ги следи најновите случувања во телекомуникацискиот сектор во нашата земја, кои, според партијата, откриваат ланец на влијание што се протега од Будимпешта преку Белград до Скопје.

„Одлуката на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да додели трета лиценца за мобилен оператор на унгарската компанија „4iG“, не е само бизнис потег, тоа е дел од поширок политички план што ја загрозува независноста на нашата држава и слободата на медиумите. Оваа компанија, која е единствениот понудувач на тендерот и која ќе плати 8 милиони евра за фреквенции, сега има право да изгради и управува со самостојна 5Г мрежа. Компанијата „4iG“ не е обичен играч на пазарот, таа е длабоко поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека сопственикот и претседателот на „4iG“, Гелерт Јасаи, е близок сојузник на Орбан, а компанијата станала „национален шампион“ во Унгарија благодарение на масивната државна поддршка, вклучувајќи тајни инвестиции од над 189 милиони евра и олеснувања во регулаторните процедури.

„Орбан лично интервенираше во аквизициите на „4iG“, намалувајќи го влијанието на странските компании и зголемувајќи ја контролата врз информационите мрежи. Овој потег во Северна Македонија само го потврдува Орбановиот план да го прошири своето влијание на Балканот. Ова не е изненадување, имајќи предвид дека Христијан Мицкоски јавно изјави дека Орбан е негов близок пријател. Владата на Мицкоски во 2024 година го најави тендерот за трет оператор, а сега ги гледаме плодовите на таа „пријателска“ соработка. Оваа врска го објаснува и пошироката оска Орбан-Вучиќ-Мицкоски. Тоа е затворен круг што, покрај бизнисите во телекомуникациите и енергетиката, вклучува и контрола врз медиумите“, велат од СДСМ.