Левица: Синот на газдата на „Пулс“ поднел тужба против осум лица за кршење на кафулето „Класик“ – системот е изопачен

Макфакс

18/01/2026

12:43

781

Големина на фонт

а а а

Михаил Јованов, синот на Дејан Јованов – Деко, газдата на дискотеката „Пулс“ во Кочани поднел приватна кривична тужба против осум лица и други непознати лица од Кочани за оштетување на туѓи предмети, велат од Левица утрово преку соопштение.

Во тужбата, како што се наведува, станува збор за оштетувањата на кафе барот „Класик“, исто така сопственост на Јованов, што настанаа на протестите на 17 март лани, еден ден по трагичниот настан со пожарот во дискошталата „Пулс“ во која животот го загубија 62 лица, а повеќе од двеста се со тешки повреди и до ден денес се лекуваат.

„Фактот дека синот на газда Деко поднел приватна кривична тужба против осум лица и непознати сторители за оштетување на имот, која сама по себе повлекува и обештетување доколку се утврди вина, претставува врв на безобразието и цинизмот во оваа трагедија.

Да потсетиме, Левица на лидерската средба минатата недела побара државата да ги обештети семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“, но државата експресно се прогласи за ненадлежна со образложение дека трагедијата се случила во приватен објект. Во истата таа држава, денес газдата на истиот објект што изгоре, кој е осомничен и против кого се води кривична постапка, бара кривичен прогон на млади луѓе и сопствено обештетување за настани кои се директна последица на неговото криминално и неодговорно работење, потпомогнато од системот на државата која е ненадлежна да ги обештети жртвите од пожарот затоа што бил на приватен имот.

Ова е слика на изопачен систем во кој жртвите се оставени без правда и поддршка, а осомничените добиваат простор да ги тужат граѓаните, па дури и деца, за да наплатат штета. И, не е случајно што сето ова се случува токму сега, кога победи партијата која со години го толерираше безредието, криминалот и клиентелизмот. Таа победа очигледно беше „ветер во грб“ за криминалните структури да се чувствуваат недопирливи и охрабрени да удираат по народот кој бара правда.

Порачуваме дека нема да дозволиме трагедијата во Кочани да се претвори во фарса каде виновните ќе се прикажуваат како жртви, а жртвите како виновници. Одговорност мора да има и кривична, и институционална и политичка. Секој обид за заплашување на граѓаните и лицата кои протестираа и протестираат ќе го сметаме како директен напад врз правото на правда и достоинство.

Правдата за Кочани не смее и нема да се задуши со уцени, закани, тужби и молк“, се вели во соопштението на политичката партија.