„Политико“ Европскиот парламент го замрзнува трговскиот договор со САД поради најавата за царини и барањата за Гренланд

Макфакс

18/01/2026

08:48

459

Големина на фонт

а а а

Пратениците во Европскиот парламент нема да го одобрат историскиот трансатлантски трговски договор откако американскиот претседател Доналд Трамп најави нови царини за европските земји, во рамки на своите напори да ја преземе контролата врз Гренланд. Со тоа, иднината на примирјето во трговската војна, дефинирано со договорот што минатото лето го потпишаа Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, станува неизвесна, пишува „Политико“.

Потврдата дека Европскиот парламент нема да продолжи со ратификација на договорот дојде откако Европската народна партија (ЕПП) го смени својот став. Нејзиниот претседател, Манфред Вебер, изјави дека ескалацијата на тензиите значи дека Парламентот нема да гласа за пактот кој предвидува американски царини од 15 проценти за увозот од ЕУ во замена за непоставување нови давачки на американскиот извоз.

„ЕПП е за трговски договор меѓу ЕУ и САД, но имајќи ги предвид заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, одобрување во оваа фаза не е можно“, напиша Вебер.

„Царините од 0 отсто за американските производи мора да бидат ставени на чекање.“

Иако другите партии од владејачката коалиција на Урсула фон дер Лајен – С&Д, Ренју и Зелените – последните недели се залагаа за стратешка пауза, ЕПП остана неубедена. Уште во средата, пратеничката на ЕПП, Жељана Зовко, изјави дека договорот со Вашингтон „нема да биде одобрен“. Одлуката за замрзнување на ратификацијата тогаш беше одложена, а се очекуваше гласање на 26 јануари.

Трамп вчера најави дополнителна царина од 10 отсто за европските земји кои испратија мала воена единица на Гренланд претходно оваа недела. Тој најави дека од 1 јуни оваа давачка ќе се зголеми на 25 проценти и ќе остане на сила „додека не се постигне договор за целосно и тотално купување на Гренланд“.

Европските лидери реагираа со негодување, нагласувајќи дека распоредувањето трупи на Гренланд било одговор на тврдењата на Трамп за растечка руска и кинеска закана на островот. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го предупреди Вашингтон дека новите царини ќе се соочат со „заеднички одговор“.

Пратениците во Европскиот парламент истакнуваат дека ЕУ мора да се подготви за одговор. Карин Карлсборо, координаторка за трговија во групата Ренју, изјави дека не гледа можност Парламентот да даде зелено светло за договорот.

„Наместо тоа, ЕУ мора да се подготви да одговори на царинските напади на претседателот Трамп, вклучително и оние насочени кон Шведска“, рече таа. „Не можеме да ја исклучиме ниту можноста за реципрочни царини, ниту за користење на ‘базуката’, ако притисокот и присилата продолжат.“

Таканаречената трговска „базука“ на ЕУ – Инструментот против присила – нуди низа казнени мерки против трговските партнери што се обидуваат да ѝ се закануваат на Унијата, вклучително и ограничувања на инвестиции, пристап до јавни набавки и заштита на интелектуална сопственост.

Потпретседателката на С&Д за трговија, Кетлин ван Бремпт, исто така повика на употреба на инструментот.

„Скандалозно е што Доналд Трамп користи царини и економски закани за да протурка нелегитимно територијално барање“, рече таа, додавајќи дека одобрувањето на трговскиот договор би било „целосно неразумно“. „Ако ова не е присила, тогаш што е?“ – праша таа.