Данска е голем фаворит не само на денешниот натпревар против Македонија на својата премиера на Европското ракометно првенство, туку воопшто и за највисок пласман на турнирот чиј коорганизатор е.
Скандинавската репрезентација има моќен состав и многу големи трофеи зад себе, но еден од најугледните дански медиуми реши да го најави денешниот дуел со неуспешна провокација кон македонскиот селектор Кире Лазаров.
„ТВ 2“ кој важи за медиум кој е сериозно фокусиран на ракометот имал можност да поразговара со Лазаров во пресрет на денешниот дуел, а новинарот фокусот го ставил на изјавите од пред одреден период на Филип Талески и Дејан Манасков, ракометари кои не се дел од националниот тим на овој шампионат.
Лазаров џентлменски одговорил на провокативното прашање, без да остави простор за дополнително создавање непотребни драми, иако новинарот инсистирал на одговор дали е погоден од изјавите на двајцата поранешни репрезентативци.
– Секоја репрезентација може да има најмногу 20 ракометари во ростерот и тоа е така на секое вакво натпреварување.
– Талески не беше во добра форма откако го промени клубот, додека Манасков беше повикан во репрезентацијата во ноември, но тој одби да дојде и сите го знаат тоа. Немам што да додадам, нема потреба од правење драми, – изјавил Лазаров за данскиот медиум.
Данска и Македонија се среќаваат во Хернинг вечерва од 20:30 часот.








