Фон дер Лајен ветува нова безбедносна стратегија на ЕУ во врска со Гренланд

Макфакс

15/01/2026

19:38

179

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вети нова безбедносна стратегија за Европа, откако САД се заканија дека ќе го анектираат Гренланд.

Функционерката на ЕК, која дојде во посета на Кипар, ги опиша САД како партнер кога новинарите ја прашаа за ситуацијата во Гренланд, објави Гардијан.

Во исто време, Фон дер Лајен истакна дека ЕУ ја удвојува својата економска поддршка за Гренланд.

„Јасно е дека Гренланд може да смета на нас политички, економски и финансиски.

А кога станува збор за неговата безбедност, дискусиите за безбедноста на Арктикот се првенствено клучно прашање за НАТО“, рече шефицата на европската дипломатија.

Според неа, Арктикот и безбедноста на таа област се клучни теми за ЕУ.

Фон дер Лајен не сакаше да даде детали за тоа што би можела да вклучува европската безбедносна стратегија, неколку дена откако комесарот за одбрана на ЕУ, Андријус Кубилијус, ја презентираше идејата за формирање заедничка, европска армија.

„Почнуваме да работиме на нова европска безбедносна стратегија и на почетокот на работата не е мудро да се ограничуваат или прошируваат различни теми“, рече таа.

За време на неговиот прв мандат, американскиот претседател Доналд Трамп му кажа на својот висок помошник Џон Болтон во 2018 година дека еден истакнат бизнисмен штотуку предложил САД да го купат Гренланд, потсети Гардијан.

Болтон дознал дека бизнисменот е Роналд Лаудер, наследник на глобалниот козметички бренд Есте Лаудер, кој го познава Трамп, исто така богат њујорчанец, повеќе од 60 години. Повторното разгорување на идејата на Лаудер од страна на Трамп за време на неговиот втор мандат е типично за начинот на кој работи претседателот, рече Болтон.

„Тој ги прифаќа информациите што ги слуша од пријателите како вистина и не можете да го поместите неговото мислење“, рече функционерот, пренесува Танјуг. Сега се чини дека овој предлог ги поттикна империјалистичките амбиции на Трамп, бидејќи, осум години подоцна, тој размислува не само за купување на Гренланд, туку и за евентуално освојување со сила, објави британскиот весник.