Пристигнува драстична промена во Европа? Две држави би можеле да станат една

Точка

14/01/2026

21:53

1.681

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, за првпат отворено изразила поддршка за можноста за обединување на Молдавија со Романија.

Во британскиот поткаст „The Rest Is Politics“ предупредила дека на мала држава како Молдавија сè потешко ѝ е да опстане како суверена и демократска земја, особено под постојаниот притисок од Русија.

„Погледнете што се случува во светот. За мала земја како Молдавија сè е потешко да опстане како демократија, како суверена држава и да ѝ се спротивстави на Русија“, истакнала Санду.

Според пишувањато на Политико, Русија со децении вложува пари и ресурси за да ја задржи Молдавија во својата сфера на интерес, преку политичко влијание, партии и медиуми. Иако Санду и претходно ја споменувала можноста за обединување со Романија, кон крајот на 2021 година била значително повнимателна и нагласувала дека таква одлука би била возможна само со силна и јасна волја на граѓаните. Сега, за првпат јасно ставила до знаење дека лично би поддржала таков исход на референдум.


Нејзината политичка позиција денес е значително постабилна: кон крајот на 2024 година повторно беше избрана за претседателка со повеќе од 55 отсто од гласовите, додека нејзината Партија на акција и солидарност има апсолутно мнозинство во парламентот, што ѝ овозможува помирно управување со земјата во наредните години.

Молдавија се соочува со длабоки структурни проблеми: масовно иселување, слаба администрација, хроничен недостиг од стручни кадри и распространета корупција. Особено загрижува состојбата со одбраната – земјата практично нема сериозна војска, а издвојувањата за одбрана се помали од буџетот на еден европски фудбалски клуб.

Во таква геополитичка средина, Молдавија останува исклучително ранлива, а секоја поголема криза би можела сериозно да ја дестабилизира.


Со потенцијалното обединување на Молдавија и Романија би настанала држава со површина од околу 272 илјади квадратни километри, со меѓу 21,5 и 24 милиони жители. Романија е членка на ЕУ и НАТО, со професионална војска и значително посилна економија, додека Молдавија се стреми кон членство во Европската унија и нема амбиции за влез во НАТО.

Обединувањето би значело зајакнување на источното крило на НАТО и поголемо безбедносно влијание на ЕУ, но истовремено би отворило сериозни политички, уставни и геополитички предизвици, пред сè во односите со Русија и поради чувствителното прашање за Придњестровје.

Изјавата на Санду претставува историски преседан, бидејќи вакви пораки досега не доаѓале од претседателската палата во Кишињев, туку исклучиво од романската страна.