Молскавичната американска операција во Венецуела покажа дека скапите радари и ракетни системи не вредат многу без одржување, обучени екипажи и сигурна државна одбранбена мрежа.
Брзиот американски удар врз поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро во Каракас ја разоткри слабоста на венецуелската противвоздушна одбрана, односно одбранбената ПВО-мрежа која на хартија изгледала моќно, но во реална борбена ситуација целосно потфрлила.
Кога американските сили на почетокот од месецот ја започнаа операцијата „Absolute Resolve“ со цел апсење на Николас Мадуро, венецуелската војска располагала со кинески мобилни противвоздушни радари "JY-27 A". Повеќе од 150 летала влегле во венецуелскиот воздушен простор, а ниту едно не било соборено. Еден хеликоптер бил погоден со оган од митралез, но останал оперативен.

Пекинг го промовираше радарот "JY-27 A" како систем способен да открива летала од петтата генерација, како F-22 и F-35, на далечини поголеми од 240 километри. Радарот е воведен во употреба во 2014 година и се состои од јарбол со повеќе антенски панели, како и одделни радарски и командни возила. Кинески извори тврдат дека системот поседува и способности за намалување на ефектите од електронско попречување. Во меѓувреме е развиена и понова верзија – "JY-27 V".
По нападот врз Каракас, јапонски новинар го прашал портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи што мисли Пекинг за големата количина воена опрема што Кина ѝ ја продала на Венецуела, а која се покажала како од мала практична корист. Портпаролот одговорил со осуда на американскиот напад.

Сето тоа е во ред, но клучно е она што се случува во моментот на судирот, изјави за „Business Insider“ Мајкл Соболик, виш соработник на институтот „Hudson“, независен американски тинк-тенк со седиште во Вашингтон. Тој наведе дека радарите можеби потклекнале под софистицирани електромагнетни напади или дека со нив неправилно управувале операторите. Ако немате функционални радари, вие сте лесна мета, заклучи тој.
Американски официјални лица соопштија дека венецуелската противвоздушна одбрана, вклучително и руските системи "S-300VM", "Buk-M2" и постарите лансери "S-125 Pechora-2M", како и кинеските радари, била целосно надмината.

Студија на Истражувачкиот институт за стратешка разузнавачка анализа и јавни политики со седиште во Мајами („Miami Strategic Intelligence Institute“) од минатата година утврдила дека повеќе од 60 проценти од венецуелската радарска флота е нефункционална, дека нивното воено воздухопловство ретко лета и дека им недостасуваат одржување и резервни делови, пишува „Business Insider“. Анализа на „The New York Times“, додаваат, навела дека дел од таа опрема била складирана во магацини.
Дури и ако причината за неуспехот е човечкиот фактор, Соболик смета дека овој настан испраќа прилично силна порака, зацврстувајќи ја довербата во американските воени способности. Американски официјални лица навеле дека немало загинати, бидејќи од речиси 200 војници вклучени во операцијата, само седум биле повредени.

















