Сирија распоредува илјадници војници и ракетни единици на границата со Либан

Макфакс

04/03/2026

08:00

412

Големина на фонт

а а а

Сириското Mинистерство за одбрана соопшти дека ја засилило воената присутност на границата со Либан, додека осум сириски и либански извори за „Ројтерс“ навеле дека се распоредени ракетни единици и илјадници војници.

Според соопштението, војската ја зајакнала контролата долж границите со Либан и Ирак „за заштита и контрола на границите во услови на ескалација на регионалниот конфликт“.

Распоредените сили се дел од гранични и извиднички баталјони задолжени за следење на граничните активности и борба против шверц.

Сириски офицери изјавиле дека засилувањето почнало во февруари, но значително се забрзало во последните денови. Целта е да се спречи шверц на оружје и дрога, како и движење на либанскиот Хезболах или други милитантни групи поддржани од Иран, пренесе Ројтерс. Во меѓувреме, Хезболах продолжи да пука кон Израел, повеќе од една година по примирјето постигнато во 2024 година. Израел издаде наредба за евакуација на голем дел од јужен Либан, а во израелски воздушни напади загинале околу десет лица, додека илјадници жители побарале засолниште во Сирија.