Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје објави симпатично видео од Роџер, лабрадор стар две и пол години кој клиниката одлучила да го вдоми за да им помага на пациентите во терапијата, исклучиво под надзор на лица од стручниот тим и во согласност со пациентите.
Причините за вдомувањето на Роџер, според директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова е имплементацијата на Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни) – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.
Во објавата пишува дека Роџер бил неодамна вдомен и за исклучително кратко време се приспособил на персоналот и на пациентите. Како што велат, нивниот нов „четириножен „колега“ е обожаван едноставно од сите.
„Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а под надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите, со нивна согласност.

Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата каде што има храна или лекови, a неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите – доброволци од дневната болница.
Лабрадорот е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни, бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на тераписката средина.

„Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“, додава директорката на Клиниката за психијатрија.
Дополнително, лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт – прифаќаат допири, галење и близина без да покажат вознемиреност. Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој нѝ донесе многу позитивна енергија“, додаваат од клиниката.















