Малта, Малта, Малта… Благодарение на евтините авионски билети, оваа медитеранска островска држава е популарна дестинација, меѓу другото и во зимските месеци кога бегаме од маглата и студот…
И, дефинитивно не разочарува: иако е малечка, преполна е со природни убавини, богата и интересна историја и култура.
Но, веднаш до главниот остров Малта, кој го носи истото име како и самата држава, се наоѓа и неговиот шармантен сосед, кој, доколку ја посетите Малта, навистина не би требало да го пропуштите. До него се стигнува едноставно, со траект, а ова се занимливостите поради кои островот Гозо треба да биде дел од вашиот итинерар.
Малта каква што била некогаш
Малтешкиот архипелаг опфаќа низа острови, но само три се населени. Најголемиот е Малта, потоа следува Гозо, додека најмалиот е Комино. Гозо има 67 квадратни километри, приближно е голем колку Менхетен.

Долг е 14 километри и широк 7,25 километри и едноставно е прекрасен: помирен е од „главниот“ остров, побавен, потрадиционален и повеќе во соживот со природата. Поради својата убавина и фотогеничност „глумел“ во бројни филмови и серии … За него велат дека е „Малта каква што била некогаш“.
Дом на нимфата Калипсо и славниот храм Ѓанитија
Гозо, на пример, е дом на познатиот храм Ѓантија (Ggantija), мегалитска градба постара од египетските пирамиди, која се наоѓа и на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Исто така, тоа е место што се поврзува и со името на нимфата Калипсо: наводно, токму тука таа го држела Одисеј заробен седум години …

И да, во 1551 година целото население на островот го киднапирале пирати. Оставиле само 50 постари лица, а сите други ги „прибрале“ и ги убиле или ги продале во ропство. Потоа, островот почнал одново… Денес таму живеат околу 35 илјади луѓе.
Бројни цркви на островот
Гозо, поради својата визура, го нарекуваат и „островот на трите рида“, а и тој, како и цела Малта, изобилува со цркви. За Малта инаку се вели дека има по една за секој ден во годината, а Гозо и по бројност, но и во секој друг поглед, стои многу добро. Има дури 46, меѓу нив е една од најпознатите во светот – вистински рекордер.

Имено, малиот Гозо е дом на црква со третата најголема самостоечка купола во светот. Станува збор за црквата „Свети Јован Крстител“, позната како „Xewkija Rotunda“. Нејзината купола достигнува висина од дури 75 метри, а широка е 27 метри.
Славна локација за нуркање
Гозо се смета и за одлично место за нуркање, едно од најдобрите во светот, а некои од најпопуларните локации се „Blue Hole“ и „Inland Sea“, кои ги красат рибарски куќички со врати во шарени бои. Еден од симболите на Гозо беше и прочуениот Азурен прозорец кој се урнал во морето во 2017 година.

Гозо може да се пофали и со Карпата на печурките, односно со 60 метри висока карпа позната по паразитско растение за која малтешките витези верувале дека е одлична за лекување на низа болести, меѓу кои и импотенција.

За крај, Гозо е познат и по својот карневал. Имено, карневалот во тамошниот Надур е еден од најпознатите во светот, а наводно важи само едно правило: колку почуден костим – толку подобро. Многу популарни се и групните костими, каде што повеќе лица всушност сочинуваат една заедничка, уникатна маска.















