Додека здруженијата го поздравуваат потегот на „Mattel“ како чекор кон подобро прифаќање во општеството, дел од заедницата стравува од создавање стереотипи за „невидливиот инвалидитет“.
Во обид да ја подобри препознатливоста во светот на играчките, „Mattel“ неодамна ја лансираше првата кукла „Barbie“ со аутизам — потег што предизвика поделени реакции на интернет. Додека здруженијата и активистите го поздравија овој чекор како важен за подобра прифатеност на невродивергентните деца, дел од заедницата изрази загриженост. Куклата содржи специфични дизајнерски елементи кои одразуваат некои од искуствата со кои можат да се поистоветат аутистичните лица.
Дизајнирана со посебни детали
За верно да ги прикаже искуствата на аутистичните лица, куклата е внимателно осмислена со неколку клучни карактеристики. Носи поширока облека за да се обезбеди помал контакт на ткаенината со кожата, а погледот ѝ е насочен благо на страна, што го претставува начинот на кој некои аутистични лица можат да избегнуваат директен контакт со очите. Секоја кукла доаѓа и со розов „fidget spinner“, кој служи за намалување на стресот и подобрување на фокусот, како и со слушалки за поништување бучава што помагаат да се блокираат позадинските звуци и да се ограничи сензорното преоптоварување.
Други карактеристики вклучуваат подвижни лакти и зглобови на рацете, кои овозможуваат гестови како мавтање со рацете. Креаторите наведуваат дека ваквите гестови некои аутистични лица ги користат за обработка на сензорни информации или за изразување возбуда. Куклата доаѓа и со таблет, кој симболизира како некои луѓе користат дигитални алатки за помош во секојдневната комуникација.
Соработка со аутистичната заедница
Производителот „Mattel“ изјави дека куклата „ги повикува повеќето деца да се видат претставени во светот на Barbie“. Крајниот производ е создаден со придонес од Мрежата за самозастапување на аутисти („ASAN“), со цел од прва рака да се слушне мислењето на аутистичната заедница за тоа какви карактеристики треба да има куклата. Од оваа мрежа куклата ја опишаа како „пресвртница“ и изразија воодушевување што можеле да помогнат во дизајнот.
„Исклучително е важно младите аутистични лица да гледаат автентични, радосни прикази на себе, а оваа кукла е токму тоа“, додадоа од „ASAN“.
Поделени реакции на интернет
Ели Мидлтон, аутистична писателка која редовно споделува лични искуства на интернет, ја опиша куклата како „моќен симбол“ што им помага на младите девојки да се чувствуваат прифатено. „Фактот дека сега имаме аутистична "Barbie" кукла ме прави многу емотивна. Статистиките покажуваат дека кај младите девојки аутизмот често не се дијагностицира или се дијагностицира погрешно, па затоа моќен симбол како оваа кукла помага разговорот за невродивергентноста кај жените да се стави во преден план, за аутистичните девојчиња да можат да се чувствуваат прифатени и видени“, изјави таа.
Сепак, претставувањето на куклата предизвика и контроверзии и поделени реакции на интернет. Додека многумина ја поздравија како позитивен чекор, дел од аутистичната заедница изрази загриженост за можноста од создавање стереотипи. Критичарите истакнуваат дека аутизмот е „невидлив инвалидитет“ и дека обидот за негово визуелно претставување преку специфични додатоци и изглед може да го поедностави сложеното искуство на аутистичните лица.

На таа сложеност укажа и Националното друштво за аутизам („NAS“), нагласувајќи дека, со оглед на тоа што аутизмот е спектар, „важно е да се запамети дека аутистичните лица можат многу да се разликуваат едни од други, со различни групи на силни страни и предизвици“. Друштвото го опишува аутизмот како „доживотна невродивергентност и инвалидитет“ што влијае на тоа како луѓето го доживуваат светот и комуницираат со него. Се проценува дека повеќе од една од сто лица е аутистично и дека во Обединетото Кралство живеат најмалку седумстотини илјади аутистични возрасни и деца.
Питер Ват, директор на националните програми во „NAS“, изјави: „Да се видат повеќе прикази на аутизмот е клучно за разбирање и прифаќање на аутизмот. Навистина е важно тие прикази да бидат автентични и засновани на обемни консултации со аутистични лица, и ни е драго што "Mattel" ја вклучи аутистичната заедница во развојот на оваа кукла. Позитивно е да се види автентичен приказ на телевизија, во филмови, уметност и игра, бидејќи подоброто разбирање на аутизмот во општеството може да ги трансформира животите на стотици илјади аутистични лица“, наведува „Mirror“.
„Mattel“, како дел од напорите да создаде бренд со поинклузивен одраз на децата кои си играат со неговите производи, претходно пласираше "Barbie" кукли со дијабетес и слепило, како и кукла со Даунов синдром.















