Париз и Лондон први официјално најавија испраќање мировни трупи во Украина, откако ќе заврши војната. Но како воопшто би изгледало тоа?
И дали ќе се осмелат ако не добијат поддршка од американската војска?, пишува Дојче Веле.
Кога европските сојузници се состанаа во Париз за да ги зацврстат безбедносните гаранции за Украина, таму беа и пратениците на Трамп. Тоа накратко даде надеж дека гласот на Европската унија би можел да се слушне во Вашингтон и покрај жестоката контроверзија околу Гренланд.

„Во голема мера ги завршивме безбедносните протоколи“, рекол Стив Виткоф, еден од двајцата пратеници, додека стоел покрај лидерите на Франција, Германија, Обединетото Кралство и Украина во претседателската палата во Париз. „Ова е важно за, кога оваа војна ќе заврши, да биде завршена засекогаш“, додал Виткоф.
Сепак, дури и додека Франција и Обединетото Кралство со потпис на документ ја потврдиле решеноста, во повоено сценарио, да распоредат трупи во Украина, Соединетите Американски Држави не понудиле да им притрчаат на помош на тие трупи во случај Русија да ја загрози нивната безбедност.
Како би можело да изгледа распоредувањето?
Минатата недела Франција, Обединетото Кралство и Украина потпишаа декларација за намери да се распоредат „мултинационални сили“ како поддршка за одбраната и обновата на Украина – по војната. Експертите велат дека декларацијата, како потпишан документ, претставува посилна и поформална гаранција за Украина.
Во вторник (6.1.) германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека и Германија би можела да одигра воена улога и да распореди „сили на територија на НАТО што граничи со Украина“, откако ќе се постигне прекин на огнот.
За првпат и шпанскиот премиер Педро Санчез изразил подготвеност за испраќање трупи во рамки на мировна мисија во Украина, но не споделил детали.

Јакоб Функ Киркегард, соработник на бриселскиот тинк-тенк „Bruegel“, верува дека силите намерно се нарекуваат „мултинационални“ за да се отвори простор за приклучување на други држави од Европа или надвор од неа. „Кои би можеле да бидат тие? Мислам можеби Австралија, или секако Турција, која е голем играч на Црното Море“, изјавил тој за ДВ.
Состанокот во Париз се одржа во рамки на таканаречената коалиција на волните – која ја сочинуваат околу 30 земји приврзани кон Украина. Соединетите Држави не се меѓу нив. Во своето соопштение, групата наведе дека ќе помогне во изградба на „одбранбени утврдувања“ во рамки на Украина.
Киркегард додал дека не е јасно какви точно би биле тие фортификации. Можеби, претпоставува тој, слични на оние што се подигаат во членките на НАТО во близина на Русија. „Како во Финска“, рекол тој, тоа барем би можело да вклучува „поставување мини и бодликава жица“.
Во соопштението на лидерите на коалицијата на волните, исто така, се наведува дека ќе учествуваат во предложениот механизам за надзор на прекинот на огнот, кој би требало да го предводат САД. Тоа би барало опрема и луѓе што би ги следеле сензорите, снимките од дронови и сателитите.
Се додава дека Украинците „ќе останат првата линија на одбрана и одвраќање“, додека експертите за ДВ изјавиле дека европските трупи главно би биле присутни како инструктори, а не во борбена улога.
Бројни прашања
Некои во Европа сега притискаат за да се воспостави долгорочна безбедносна архитектура за Украина. Но сè уште има повеќе прашања отколку одговори. Францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека Франција би можела да распореди „неколку илјади“ војници на украинска територија.
Аналитичарот Киркегард предупредува дека за него би можело да биде тешко да добие одобрување од францускиот парламент за финансирање трупи во странство, особено насреде политичка и економска криза во земјата.
Потписот на британскиот премиер Кир Стармер на декларацијата предизвикал незадоволство кај домашните опозициски лидери и експерти, кои тврдат дека Велика Британија нема доволно војници за испраќање надвор од земјата.

Стратешкиот преглед на одбраната на Обединетото Кралство – официјален документ од минатата година – бележи дека големината и подготвеноста на војската се намалиле по крајот на Студената војна.
Во извештајот пишува дека „само мал дел од трупите“ се подготвени за распоредување во кој било момент. Падот на бројот на војници се совпаѓа со намалените трошоци за одбрана.
Обраќајќи му се на парламентот, Стармер рекол дека бројот на војници што ќе бидат испратени во Украина „ќе биде одреден во согласност со нашите воени планови, кои ги изработуваме и во кои очекуваме поддршка од други членки“.
Во Германија, предлогот на канцеларот Мерц за испраќање војници во членките на НАТО што граничат со Украина, исто така, најпрво ќе мора да го одобри парламентот. Неколку други членки на коалицијата на волните останале неопределени. Можно е, се смета, дека и нема да изнесат поконкретни планови сè додека еднаш не се воспостави мир во Украина.
„Дали сите партнери од коалицијата на волните би реагирале силно ако Русија повторно нападне? Тоа е тешко прашање. Ги прашувам сите и сè уште не добив јасен одговор“, им рекол украинскиот претседател Володимир Зеленски на новинарите во среда (7.1.).
Додека безбедносните гаранции не бидат одобрени во парламентите и во американскиот Конгрес, „не можеме да одговориме на прашањето дали партнерите се подготвени да нè заштитат“, додал тој.
Изостанокот на американската поддршка – најголемата пречка
Најголемата пречка за европското присуство во повоена Украина доаѓа од некогаш најблискиот сојузник преку Атлантикот. Пратениците на Трамп, кои присуствуваа на состанокот во Париз, не ги разјаснија европските дилеми околу тоа дали САД би им притрчале на помош на нивните трупи доколку Русија ги прекрши условите на мирот.

Маркус Рајснер, австриски воен историчар и предавач на Терезијанската воена академија во Виена, изјавил за ДВ дека суштинската порака на декларацијата од Париз била да се повикаат САД да ја поддржат таа европска воена иницијатива.
„Во моментов е незамисливо европските сили да воспостават големо присуство во Украина без поддршка од САД и нивните специјализирани воени капацитети, и без гаранција дека Америка воено ќе интервенира во случај на руски напад“, истакнал тој.
„Ова е особено точно сè додека Русија ги смета западните војници во Украина за воени цели“, додал Рајснер.














