Дарен Флечер не успеа да запише победа и на вториот натпревар како привремен менаџер на Манчестер Јунајтед, а елиминацијата од Брајтон во ФА Купот очигледно го натера да сфати дека нема иднина како предводник на тимот чија самодоверба е целосно разнишана.
Флечер беше еден од трите потенцијални кандидати да го водат тимот до крајот на сезоната, но после само два меча како привремен тренер на тимот, Дарен се самоотпиша и најави дека Јунајтед ќе биде воден од друг човек.
– Ќе дојде некој друг наместо мене и ќе го води тимот до крајот на сезоната. Јунајтед е голем клуб и мора да знае за што ќе игра до месец мај. Најважно за мене е групата да се сплоти и да го следи лидерот кој ќе биде назначен да го води тимот.
– Сè се сведува на играчите, мора да се погрижат да пронајдат мотивација и да знаат за што играат до крајот на сезоната. Сметам дека овој тим е доволно добар за да постигне успех, но мора напорно да работат и да се потрудат во периодот кој следи, – изјави Флечер.
По ваквата изјава на Дарен, во јавноста се појави информација дека клубот е најблиску до договор со Мајкл Керик, иако како опција не е исклучен и Оле Гунар Солскјер.







