Извонредно издание за голема победа: Ѓорческа подели „компир“ на стартот на Аустралијан Опен

Дерби

12/01/2026

11:13

246

Големина на фонт

а а а

Лина Ѓорческа влезе како аутсајдер во дуелот со Сиња Краус која е речиси 100 места подобро раниграна на ВТА листата, но фаворизирањето на хартија уште еднаш се покажа како целосно неважно кога е спортот во прашање.

Најдобрата македонска тенисерка ја надигра четвртата носителка во квалификациите на Аустралијан Опен, па така на најдобар можен начин го започна својот пат во обид да дојде до главниот ждреб.

Тетовачанката беше поуспешна во меч кој траеше 62 минути, а во кој целосно неизвесен и возбудлив беше само првиот сет.

Краус прва направи брејк и се доведе во ситуација да води со 5:3, но кога беше најтешко, Лина спасуваше две сет топки на свој сервис, а потоа направи брејк за 5:5 и голема борба на теренот.

Македонската го искористи моментумот и врза уште два гејма за серија од 4:0, па на тој начин и припадна првиот сет со резултат 7:5.

Овој дел целосно и припадна на Лина, а потоа следеше уште поимпресивна серија од 6:0, па со вкупни 10:0 Ѓорческа моќно се пласираше во второто коло од квалификациите на грен слемот во Мелбурн.

Во оваа рунда, Ѓорческа за ривалка ќе има тенисерка од Словенија, односно Тамара Зиданшек која е на 151-та позиција на ВТА листата.