За слоновите, пандите и другите животни во Берлинската зоолошка градина конечно пристигна моментот да ги „отпакуваат“ своите божиќни подароци. Елките што не нашле дом за време на празниците завршија токму кај нив – како вкусна ужинка и извор на забава, пренесува „АП“.
Неискористените новогодишни елки, кои не биле продадени во текот на празничната сезона, во петокот им беа подарени на животните, во рамки на традиционален годишен настан. Слоновите со сурлите ги кинеа гранките, ги фрлаа низ својот простор или уживаа во зеленилото како храна.
Зоолошката градина прифаќа исклучиво свежи, непродадени елки од одбрани продавачи. Дрвца од граѓани не се примаат, бидејќи може да содржат хемикалии или остатоци од украси кои би можеле да бидат опасни за животните.
„Елките не служат само како храна, туку и како средство за забава и ментална стимулација“, изјави Флоријан Сикс, кустос задолжен за цицачите во зоолошката градина.


Во изјава за „АП“, тој додаде: „Животните можат да се борат со нив, да се чешаат, да ги превртуваат или да прават разни други работи со овие елки. На тој начин го збогатуваме нивното секојдневие, што ги прави навистина среќни.“
Додека слоновите изеле поголем дел од дрвјата, некои други животни им пристапиле повнимателно.


Годинава, за првпат, жирафите добиле задоцнети божиќни „чорапи“ – обесени наопаку, на висина на нивните глави, што предизвика особено внимание и радост.










