Нападот на САД врз Венецуела ја зголеми цената на нафтата

Макфакс

05/01/2026

21:36

478

Големина на фонт

а а а

Цената на нафтата се зголеми на меѓународните пазари кон 62 долари, бидејќи трговците беа вознемирени од нападот на САД врз Венецуела.

На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше по цена од 93 центи повисока во попладневните часови во споредба со цената на затворање на крајот од минатата недела, од 61,68 долари. На американскиот пазар, цената се зголеми за 95 центи, на 58,27 долари за барел.

Почетокот на првата недела од 2026 година беше обележан со нападот на САД врз Венецуела.

Во ноќта од петок кон сабота, американските вооружени сили извршија напади врз неколку локации во Венецуела и го заробија претседателот Николас Мадуро.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Вашингтон има намера да „управува“ со Венецуела, ставајќи ја продажбата на венецуелска нафта во преден план.

Венецуела има најголеми докажани резерви на нафта во светот, околу 303 милијарди барели, според податоците од Институтот за енергетика со седиште во Лондон. Во текот на 1970-тите, таа произведувала дури 3,5 милиони барели нафта дневно, што во тоа време претставувало повеќе од седум проценти од светското производство.

Долгогодишните санкции на САД сериозно го попречија развојот на венецуелската нафтена индустрија, па минатата година производството изнесуваше околу 1,1 милион барели дневно, што одговараше само на околу еден процент од светското производство.

Во април, Вашингтон ја продолжи лиценцата на „Шеврон“ за работа во Венецуела, а компанијата сега произведува приближно една четвртина од целата венецуелска нафта.

По заострената блокада на САД и воените напади, Венецуела посочи дека има намера да го намали производството бидејќи нејзините складишта се полни.