Чувство на празнина и анксиозност по празниците: Како да го намалите „емотивниот мамурлак“

Точка

05/01/2026

19:04

539

Големина на фонт

а а а

Иако новогодишната ноќ за многумина е исполнета со смеа, дружења и чувство на заедништво, првите денови од јануари често носат сосема поинакво расположение.

Наместо еуфорија, се јавуваат тага, немир, раздразливост или необјасниво чувство на празнина. Овој феномен се нарекува „емотивен мамурлак“ и нема врска со количината на конзумиран алкохол.

Психолошка реакција на зголемено лачење на допамин

Станува збор за психолошка реакција која се појавува по интензивни и емоционално силни настани – било да станува збор за новогодишна прослава, семејно собирање, патување или голем личен успех. За време на овие моменти телото лачи поголеми количини на хормони на среќа, како што е допаминот, а кога ритамот нагло се смирува, нервниот систем има потреба од време за повторно да се стабилизира.


Особено склони кон ова се луѓето со така наречена ниска социјална батерија, како интровертите, високо чувствителните личности, но и оние кои обично се борат со анксиозност или депресивни состојби. Кај нив, емоционалниот пад по празниците може да биде поизразен, бидејќи на уморот често се надоврзува и тенденцијата за претерано анализирање и самокритика.

Како да си помогнете?

Добрата вест е дека емоционалниот мамурлак најчесто поминува сам од себе. Клучно е да се дозволи побавен ритам, квалитетен сон, редовни оброци и доволно течности. Прекумерното движење на свеж воздух, лесна прошетка или блага физичка активност може да помогне телото побрзо да се врати во рамнотежа. Исто така, важно е да ги прифатите емоциите што се јавуваат, без потреба веднаш да ги „поправате“ или потиснувате.

Стручњаците препорачуваат и вербализација на чувствата – разговор со блиски лица или запишување на мислите може значително да го олесни внатрешниот притисок.


Сепак, ако чувството на празнина, безволност или анксиозност се задржи повеќе денови и почне да влијае на секојдневното функционирање, тоа е сигнал дека треба да побарате стручна помош. Новата година не мора да започне совршено – доволно е да започне искрено, со грижа за сопственото ментално здравје, заклучуваат експертите.