Орце Ѓорѓиевски: Нема компромис со загадувачите, изречени глоби oд 53.000 евра

Макфакс

05/01/2026

15:47

416

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска се обрати на вонредната седница на Советот на Град Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители, истакнувајќи дека нема компромис со загадувачите и дека институциите преземаат конкретни и засилени мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

На седницата, како што беше посочено, се дискутирало отворено и конструктивно, без политиканство, со цел проблемот со загадувањето да се решава преку конкретни активности, редовни инспекции и заедничка одговорност.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски информираше дека во периодот од 6 ноември до 1 јануари биле издадени 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, спроведени 35 вонредни надзори и изречени 290 опомени.

Инспекторите за животна средина извршиле над 45 вонредни контроли на правни субјекти во кругот на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречените глоби се во висина од 1.000 до 53.000 евра, додека одговорни лица во правни субјекти биле казнети со по 3.000 евра.

Како што наведува градоначалникот, десетици физички лица кои неправилно одлагале отпад на јавни и приватни површини добиле казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање отпад.

Инспекцијата за патен сообраќај и патишта извршила контроли на девет градилишта, од кои на седум им биле издадени решенија за времен режим на сообраќај, а на едно градилиште бил изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице.

Комуналната инспекција спровела 240 контроли на градилишта низ Скопје, при што 25 објекти биле опоменати, а на 11 изречени глоби од по 1.300 евра. Комуналните редари, според објавата, изрекле и повеќе од 60 казни при контроли на јавните површини.

Ѓорѓиевски информираше дека во Буџетот за 2026 година се предвидени 64 милиони денари за животна средина, за разлика од 24 милиони денари во 2025 година, како и дополнителни 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови.

Во план се и субвенции за инвертер-клима уреди, чистење и филтри за оџаци, како и субвенции за велосипеди.

„Скопје заслужува чист воздух, ред во јавниот простор и зелени паркови. Сега е време резултатите да бидат видливи, мерливи и трајни“, наведува градоначалникот во објавата.