Во Велика Британија денеска стапи во сила забраната за рекламирање брза и нездрава храна на телевизија и на интернет, во рамки на мерките за сузбивање на дебелината кај децата.
Забраната важи на целата територија на Обединетото Кралство и се однесува на огласување храна и пијалаци со висок удел на масти, сол и шеќер на телевизија пред 21 часот, како и во кое било време на интернет.
Мерката опфаќа производи што се сметаат за најголеми предизвикувачи на дебелината кај децата, меѓу кои се газирани пијалаци, чоколадо и слатки, пици и сладоледи.

Забраната, покрај нездравите производи, се однесува и на одредени видови каши и житарки за појадок, засладени пекарски производи, како и готови јадења и сендвичи.
Одлуката за тоа кои производи потпаѓаат под забраната се донесува врз основа на систем на бодирање со кој се проценуваат нутритивните вредности и содржината на заситени масти, сол и шеќер.
Обичните овесни снегулки и поголемиот дел од кашите, мусли и гранола не се опфатени со мерките, но верзиите со додаден шеќер, чоколадо или сируп можат да бидат забранети.
Забраната се однесува само на огласи во кои се гледаат нездрави производи, што значи дека ланците за брза храна и понатаму можат да се рекламираат користејќи го името на брендот.

Досега ваквите реклами биле забранети само на платформи на кои повеќе од 25 отсто од публиката е помлада од 16 години.
Според податоците на британската Национална здравствена служба (NHS), речиси секое десетто дете на возраст од седум години живее со дебелина, додека едно од пет деца до петгодишна возраст има проблеми со кариес.
Владата истакнала дека изложеноста на децата на реклами за нездрава храна влијае врз нивните прехранбени навики од најрана возраст и го зголемува ризикот од прекумерна телесна тежина.
Владата проценува дека новата забрана ќе спречи околу 20.000 случаи на дебелина кај децата.









