Грипот оваа година се шири порано и поинтензивно од вообичаено, а медиумите го нарекоа „супер грип“. Сепак, станува збор за нова варијанта на вирусот H3N2, која полесно се шири, но не е поопасна. Експертите повикуваат на смиреност, вакцинација и основни заштитни мерки.
Оваа есен грипот се прошири порано и поинтензивно од вообичаено во многу делови од светот, особено во САД и Велика Британија. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести ја прогласи сезоната 2024–25 за најтешка од 2017–18 година. Во Велика Британија, ширењето започна најрано во последните дваесет години. Иако медиумите го користат терминот „супер грип“, тој не е медицински точен, пишува Wired Magazine.
Причината за зголемениот број случаи е нова варијанта на вирусот грип А (H3N2), позната како подкладa К. Оваа варијанта има мутации што ја прават различна од претходните соеви, па затоа може делумно да ја избегне заштитата од претходни инфекции или вакцинација. Тоа значи дека полесно се шири меѓу луѓето, но не предизвикува потешка болест од вообичаениот сезонски грип.

Голем дел од анализираните примероци во повеќе земји покажуваат дека подкладa К е доминантна. Во Јапонија, на пример, речиси сите анализирани случаи на H3 вирусот во раниот дел од сезоната биле од оваа варијанта. Сличен тренд е забележан и во други региони.
Епидемијата започна порано од вообичаеното
Една од главните причини за раното ширење на грипот е намалениот имунитет кај населението поради ковид-пандемијата. Во текот на неколку години, грипот беше речиси целосно потиснат поради заштитните мерки, што доведе до намалена природна имунолошка отпорност. Дополнително, екстремните жештини и физичката исцрпеност можеле да придонесат за поголема подложност на инфекции.
Иако вакцината за оваа сезона не е целосно усогласена со новата варијанта, истражувањата покажуваат дека таа и понатаму значително го намалува ризикот од тешка форма на болеста и хоспитализација. Вакцинацијата се препорачува особено за постари лица, лица со хронични заболувања, бремени жени, мали деца и здравствени работници.

Покрај вакцинацијата, важни се и основните превентивни мерки: редовно миење и дезинфекција на рацете, носење маска во гужви, проветрување на просториите и одржување соодветна влажност на воздухот. Доколку се појават симптоми, потребен е одмор и навремено лекување.
И покрај алармантниот назив „супер грип“, станува збор за продолжение на сезонскиот грип. Со информиран и смирен пристап, како и со комбинирање на вакцинација и основни заштитни мерки, ризикот за поединците и за општеството може значително да се намали.








