Србинка која моментално е на зимување во Швајцарија, токму во местото каде што се случила трагедијата во популарниот бар, во која загинале најмалку 40 лица, за „Блиц“ рекла дека луѓето со часови палат свеќи и оставаат цвеќе за загинатите.
Според неа, се смета дека младите во клубот не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата кога започнал пожарот, па затоа снимале како се ширела огнената стихија.
„Едно момче раскажа дека негов другар бил повреден и дека во тој момент стоел кај излезот. Го прегазило стампедо, па огнот му ги зафатил рацете и дел од лицето“, изјавила таа за „Блиц“.

„Луѓето палат свеќи, оставаат цвеќе, новинарски екипи од целиот свет се тука. Внатре, сериозен дел од младите не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата, па снимале и тоа ги блокираше“, додала Србинката која е на зимување во Швајцарија.
Најмалку 40 загинати во пожарот, четворица Срби повредени
Најмалку 40 лица загинале во пожарот што избувнал во новогодишната ноќ, додека околу 119 се повредени.
Вкупно 113 од 119 повредени лица се идентификувани. Станува збор за:
71 државјанин на Швајцарија
14 државјани на Франција
11 државјани на Италија
4 државјани на Србија
1 државјанин на Босна и Херцеговина
1 државјанин на Белгија
1 државјанин на Португалија

Идентификувана е и првата жртва во пожарот. Станува збор за тинејџерот Емануел Галепини (17), италијански голфер.
Истрагата за причината за трагедијата веќе е започната, а очајните семејства ги бараат своите најмили.
Еден од повредените Срби во големиот пожар што избувнал во новогодишната ноќ во бар на скијалиштето Кран-Монтана во Швајцарија е младиот Предраг Јанковиќ.

„Тој бил во барот на скијалиштето за време на новогодишната ноќ, но буквално го спасило тоа што излегол на терасата на клубот. Имено, сакал да запали цигара и излегол надвор. Бил на терасата кога внатре избувнал пожар. Потоа следело стампедо“ изјавил еден познаник на семејството на Јанковиќ и додал:
„Огнот го зафатил, односно му изгореле двете дланки. Има изгореници по рацете, но фала Богу не е живото-загрозен. Буквално го спасило тоа што излегол надвор. Неверојатна судбина. Фала Богу што успеал во тој метеж и хаос да се извлече жив“.
Друг Србин, Стефан Ивановиќ, со години работел како обезбедување во клубот и се води како исчезнат.
Негова роднина за „Блиц“ истакнала дека немаат никаква информација за него: „Немаме никаква информација за Стефан од таа ноќ. Швајцарија е доволно силна и уредена земја и веруваме дека наскоро ќе се појави некаква информација за Стефан. Гледам дека насекаде се пишува дека во локалот имало околу 100 лица. Она што нам ни беше кажано тука, во Швајцарија, е дека во барот имало многу повеќе од 100 луѓе. На локалните власти овој случај им е приоритет и сите се ангажирани околу него“, раскажала таа.

Друг роднина на Стефан изјавил дека кобната вечер тој се слушнал со семејството и пријателите и дека сè било во ред, но дека воопшто не знаат каде бил тој во локалот во моментот кога се случил пожарот. „Она што го знаеме е дека телефонот му ѕвони, но него го нема… Многу се плашиме што му се случило. Луѓето од барот по пожарот беа сместени во болници низ целата земја. Го бараме, но сè уште го нема. Многу е тешко да се дознае нешто бидејќи во барот имало многу луѓе, некои се повредени, а оние по кои се трага, за жал, наводно починале. Останале под урнатини и тешко е да се идентификуваат сега по сè што се случи“, раскажал роднината и упатил апел за помош до сите кои имаат каква било информација за него.
Обвинителката: Пожарот најверојатно започнал од прскалки
Главната обвинителка Беатрис Пилу, изјавила дека обвинителството „не штеди напори за да ги утврди околностите на овој трагичен настан“.
„Се чини дека пожарот започнал од прскалки што биле поставени на врвот на шишињата шампањ. Тие биле премногу блиску до таванот. Тоа довело до она што се нарекува „инцидент со флешовер“, при што огнот многу брзо се проширил“ изјавила обвинителката.
Директорот на болницата: Лекувањето на повредените може да трае со месеци
Лекувањето на повредените во новогодишната ноќ во Швајцарија би можело да трае со месеци, изјавил директорот на болницата во Сион, Ерик Бонвен.
Тој рекол дека планот за вонредни ситуации бил веднаш активиран кога пациентите со тешки изгореници почнале да пристигнуваат во новогодишната ноќ.
„Навикнати сме на трауми и скијачки несреќи, но ова беа многу тешки повреди“, истакнал Бонвен за телевизиската станица „Swiss Romand“.
Тајани: Повредите на преживеаните се страшни, идентификацијата е невозможна
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска изјавил дека некои од оние што ја преживеале несреќата во барот во Кран-Монтана сè уште не можат да се идентификуваат бидејќи претрпеле „страшни“ повреди.
По пристигнувањето во тоа швајцарско монденско место, тој рекол дека 13 државјани на Италија сè уште се во болница и дека петмина од нив имаат „тешки повреди и изгореници“, пренесе „Гардијан“.
Оваа слика покажува како избувнал пожарот?
Се појави и фотографија која наводно покажува како започнал пеколот во Швајцарија.
Двајца сведоци навеле дека еден бармен ја носел колешката на рамена, додека таа држела шише шампањ со запалена прскалка или факел, во близина на дрвениот таван над шанкот.
На социјалните мрежи се појави непотврдена фотографија на која се гледа бел пламен како излегува од големо шише шампањ. Некои дури шпекулираа дека пожарот избувнал токму во тој момент.
Швајцарија прогласи петдневна жалост, граѓаните им оддаваат почит на жртвите
Швајцарија прогласи петдневна жалост додека граѓаните им оддаваат почит на загинатите, а истрагата и идентификацијата на жртвите продолжуваат.

Како што пренесе швајцарскиот портал „20 minutes“, во тој период знамињата на зградите на институциите во земјата ќе бидат спуштени на половина копје.

Во текот на синоќешната студената ноќ во Кран-Монтана, стотици лица се собрале во тишина, полагајќи свеќи и цвеќе пред барот „Ле Констеласион“ во знак на сеќавање на жртвите од страшниот пожар, пренесе швајцарскиот весник „Темп“.

















