Француски фудбалер со тешки изгореници во пожарот во Кран Монтана, со хеликоптер префрлен во болница

Макфакс

02/01/2026

09:39

377

Големина на фонт

а а а

Европската јавност е во шок од трагедијата во клубот „Le Constellation“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, каде што 40 лица загинаа, а 115 беа повредени на новогодишната ноќ.

Меѓу повредените е и францускиот фудбалер, Тахирис Дос Сантос, кој игра за Мец, има само 19 години и добил тешки изгореници од пожарот што избувнал.

Животот на Дос Сантос не е во опасност, но тој бил итно префрлен во болница со хеликоптер, каде што добил медицинска помош.

Неговиот клуб, Мец, објави дека најважно во моментов е состојбата на 19-годишниот играч да се стабилизира, за да може да биде префрлен во друга болница, поблиску до неговото живеалиште.

„ФК Мец со длабока тага објавува дека Тахирис Дос Сантос, играч на клубот по потекло од Мон Сен Мартен, е повреден во пожар што избувна во Кран Монтана (Швајцарија) на новогодишната ноќ. Тешко повреден, 19-годишниот млад играч е префрлен со хеликоптер во Германија, каде што е хоспитализиран и добива медицинска нега.

Длабоко потресени од оваа вест, администраторите на клубот, играчите, тренерите и персоналот се во шок и ги испраќаат своите мисли до Тахирис во овој тежок момент додека се бори со болка. Клубот, исто така, изразува целосна поддршка на неговото семејство и работи со медицинските власти за Тахирис да биде префрлен во болницата „Мерси“, близу до неговиот дом.

„Дополнителни информации за состојбата на Тахирис ќе бидат објавени доколку има значителни промени во неговото здравје. Дотогаш, ФК Мец ги моли сите да ја почитуваат приватноста на Тахирис и неговото семејство“, се вели во соопштението.