Денеска, на првиот ден од новата година, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети полициските службеници од Одделот за информатика и телекомуникации на МВР, кои службено се ангажирани на врвот Солунска Глава, на надморска височина од над 2.500 метри, во смени кои траат и до 15 дена.
Додека за многумина Новата година започнува во топлината на домот, дел од вработените во Министерството за внатрешни работи ја дочекуваат и ја започнуваат годината на должност, во исклучително тешки услови и на голема надморска височина.
Тошковски беше информиран за нивните тековни активности и за начинот на кој и во вакви екстремни услови се обезбедува непречено, сигурно и стабилно функционирање на комуникациските и информациските системи на Министерството за внатрешни работи.
„Оваа работа, иако далеку од очите на јавноста, претставува еден од клучните столбови за ефикасното функционирање на полицијата и безбедносниот систем во целина. Без стабилна и безбедна комуникација, полициските службеници не би можеле навремено да координираат активности, да реагираат на предизвиците и целосно да ја исполнат својата законска улога во заштитата на граѓаните“, потенцираше Тошковски.
Тој упати благодарност и признание до вработените од Одделот за информатика и телекомуникации за нивната професионалност, посветеност и подготвеност да ја носат оваа одговорност и за време на празниците, без прекин и без компромис со безбедноста.
Воедно, министерот упати благодарност и до Хеликоптерската единица на МВР, чија поддршка овозможува безбеден транспорт, логистичка поддршка и пристап до најоддалечените и најнепристапни точки, со што се создаваат услови за непречено извршување на службените задачи.
Тошковски посочи дека токму ваквите, често невидливи, но суштински сегменти од системот, се доказ дека безбедноста на државата се темели на професионалност, дисциплина и пожртвуваност на секој поединец во системот.












