[ВИДЕО] „Пиротехника поставена на шишиња со пијалоци го запалија таванот, а потоа се појави паника“: Сведоци ги опишаа деталите од трагедијата на новогодишната ноќ во Швајцарија

Макфакс

01/01/2026

13:58

1.545

Големина на фонт

а а а

Сведоците на трагедијата во барот „Le Konstelasion“ во Кран-Монтана тврдат дека пожарот, во кој загинаа повеќе од десетина луѓе, а околу 100 се повредени, бил предизвикан од пиротехника.

Швајцарските медиуми ги објавуваат изјавите на сведоци кои тврдат дека виделе пиротехника, а потоа слушнале силна експлозија.

„На новогодишната ноќ имаше многу огномет, иако беше забрането. Потоа се слушна многу гласна експлозија. После тоа слушнав неколку амбулантни возила“, раскажува туристо од Лондон за швајцарскиот „Блик“.

19-годишник за швајцарскиот „24er“ изјавил дека пиротехничките направи поставени на шишиња со пијалоци предизвикале пожар на таванот на барот.

Според него, таванот многу брзо се запалил, што потоа довело до паника и брзање кон излезот од салата што се наоѓала во подрум, до кој се стигнувало преку скали што водат до ходник.

Властите не ја потврдија причината за пожарот, само беше наведено дека истрагата е во тек.

„Луѓето врескаа, видовме црн чад“

Андреа Еклеси, чистач на зградата до барот, кој ги прими евакуираните жители на зградата каде што се наоѓа „Ле Констеласион“, сведочи за драматичните моменти. Тој и неговата сопруга беа разбудени од вресоци.

„Луѓето врескаа, видовме црн чад, мирисаше ужасно. Брзата помош и пожарникарите пристигнаа многу брзо. Се облековме и се симнавме долу. Жителите на зградата излегоа во паника, се плашеа дека пожарот ќе се прошири на зградата. Многумина дојдоа кај нас, луѓето беа во паника. Им направивме кафе и останавме со нив до четири часот наутро“, опиша Еклеси.

Прогласена вонредна состојба

Државниот совет донесе одлука да прогласи вонредна состојба од 1 јануари во 9:00 часот наутро.

Како што објави „Блик“, беше поставена телефонска линија за итни случаи за семејствата и најблиските, додека амбулантни возила од други кантони беа на пат кон Кран-Монтана во текот на утрото. Исто така, во конгресниот центар „Реган“ во Кран-Монтана, локалните власти воспоставија приемен центар за членови на семејството кои ги бараат своите најблиски.

„Тој исчезна. Никој не знае каде е“, извика мајка која плачеше додека го бараше својот син, според швајцарските медиуми.

Многу од повредените имаат тешки изгореници, а одделенијата за интензивна нега во локалните болници се полни, па затоа некои пациенти се префрлени во болници во други кантони. Еден читател-репортер изјави за „Блик“ дека хеликоптерите летаат над неговата куќа со часови во интервали од околу десет минути.

Италијанското Министерство за надворешни работи објави дека информациите што ги добиле од швајцарската полиција укажуваат дека бројот на жртви може да биде околу 40, но полицијата не даде прецизни податоци на конференцијата, пренесува Гардијан.

Пожарот и чадот биле забележани околу 1:30 часот по полноќ, по што биле повикани службите за итни случаи, а полицијата и пожарникарите брзо пристигнале на местото на несреќата. Службениците велат дека неколку стотици луѓе биле вклучени во инцидентот на некаков начин и дека меѓу нив имало неколку националности, поради што идентификацијата ќе потрае.

Полицијата нагласи дека нема индикации дека станува збор за терористички напад и дека пожарот не е предизвикан од експлозивна направа.