Празниците се пред нас, и додека многумина се радуваат на слободните денови поминати во уживање со семејството, пријателите, богатата трпеза и украсената елка, кај други се појавува стравот – дали ќе се разболам токму пред празниците?
За милиони луѓе ширум светот, ова е фрустрирачка и добро позната реалност – се радувате на празниците, ги броите деновите додека сè уште морате да работите, а кога конечно ќе дојде моментот да одморите и да си дадете малку простор за себе, одеднаш добивате температура, носот почнува да тече, грлото ве боли, кашлате…
Стравот од ненадејна болест или вирус за време на празниците е длабоко вкоренет во реалноста, што најдобро го знае секој што се разболел кога започнува распуст, кога завршува испитна сесија или кога ќе пристигнат празниците што значи дека не мора да се оди на работа. Но зошто се случува тоа и како да спречиме да се разболиме за време на празниците?

Докторот Сајмон Фелдхаус, специјалист по превентивна медицина, изјави дека разболувањето веднаш штом ќе престанеме да работиме е феномен наречен „болест на одморот“.
„Многу луѓе поминуваат недели, па дури и месеци, во состојба на хроничен стрес поради работата. Раните симптоми на одредени болести тогаш не се забележуваат или свесно се потиснуваат. Кога работата ќе запре и нервниот систем конечно ќе си дозволи да ја ослободи таа контрола, телото го покажува сето она што било потиснато“, објасни тој.
„Постои и едноставно биолошко објаснување – празниците често подразбираат патувања, нарушување на шемите на спиење, консумирање алкохол и средби со поголем број луѓе, што сето тоа заедно претставува дополнителен товар за веќе оптоварениот имунолошки систем“.

„Луѓето често се фокусираат на тоа да избегнат бактерии, но многу поважно прашање е дали имунолошкиот систем е доволно силен за да се избори со предизвиците. Околу 70–80 отсто од имунолошкиот систем се наоѓа во нашите црева, а храната што ја внесуваме и функционирањето на дигестивниот систем играат клучна улога во превенцијата“, истакна тој.
„Доколку заштитната бариера и микробиомот се нарушени, одбраната на имунолошкиот систем е ослабена. Препорачувам избегнување на фактори на стрес, а може да се земаат и суплементи на витамин Д и витамин Ц, цинк, омега-3 масни киселини и селен“, заклучува докторот по превентивна медицина.









