Необична сцена од Охајо ги обиколи социјалните мрежи откако полицаец, за време на рутинска контрола, запрел автомобил во кој се наоѓале Дедо Мраз и Баба Мразица, облечени во празнични костими додека брзале да ја изненадат ќерката на нејзиното работно место.
Постар брачен пар, маскиран како Дедо Мраз и Баба Мразица за да ја изненадат ќерката на работа, бил запрен поради пребрзо возење во сојузната држава Охајо. „Инцидентот“ се случил во саботата во округот Фултон, а полицаецот што ги запрел, очигледно воодушевен од глетката, се пошегувал дека поради тоа би можел да заврши на „Листата на лошите“.
Полицаец од канцеларијата на округот Фултон ѝ пришол на возилото како и при секоја друга рутинска контрола, но не можел да го сокрие воодушевувањето кога на предните седишта го здогледал празнично облечениот пар, што се гледа и на снимката од камерата која полицијата подоцна ја објави на „Facebook“. „Дедо Мраз!“, извикал полицаецот додека со батериската ламба го осветлувал прозорецот на возачот.
„Дедо Мраз има оружје?“
Видливо вознемирен, „Дедо Мраз“ брзо го известил полицаецот дека поседува дозвола за носење скриено оружје („CCW“).
„Дедо Мраз има оружје? Тешки времиња!“, се пошегувал полицаецот низ смеа.
„Мораш да се заштитиш“, одговорил Дедо Мраз, додека Баба Мразица додала: „А ни Северниот Пол веќе не е што беше некогаш!“
Возачот потоа признал дека не обрнувал внимание на брзинометарот, додека полицаецот му објаснувал дека причината за запирањето била пребрзо возење.
,„Дедо Мраз, имате ли возачка дозвола?“
„Дедо Мраз, имате ли возачка дозвола?“, прашал полицаецот, едвај задржувајќи ја смеата, иако го знаел вистинското име на мажот.
Мажот излегол од автомобилот обидувајќи се да ги пронајде документите и воздивнал: „Дедо Мраз има 100 години“, додека се мачел да стане. Полицаецот се пошегувал дека поради запирањето на Дедо Мраз оваа година ќе остане без подароци.
На крајот, парот поминал само со усна опомена.
„Дедо Мраз, намалете малку“, го замолил полицаецот.
„Ник, знаеш!“, дофрлила Баба Мразица од совозачкото место.
„Ќе ти го пратам Рудолф!“, возвратил Дедо Мраз на шега.
По барање на Баба Мразица, полицаецот и Дедо Мраз дури и позирале за заедничка фотографија, по што сите си посакале „Среќен Божиќ“ и продолжиле секој по својот пат.
Канцеларијата на шерифот подоцна објавила на „Facebook“:
„Хо-хо, застани малку! Дедо Мраз и Мама Мраз биле забележани како ’летаат‘ малку побрзо отколку што треба низ округот Фултон. Немаше јаглен, само пријателско предупредување дека и санките мора да успорат. Божиќ и понатаму е по план! Возете безбедно и среќни празници!“








