Никогаш не вели никогаш, но мали се шансите некогаш да го видиме Рафаел Надал во улога на тренер на врвен тенисер.
„Отсекогаш сум ја почитувал иднината, бидејќи она што некој го чувствува во сегашноста, можеби нема да го почувствува во иднина, но не верувам дека некогаш ќе бидам тренер“, откри кралот на земјената подлога во интервју за шпанскиот „Ас“.
Надал потенцира дека нема намера еден ден да ги следи стапките на многу други големи асови: Борис Бекер, Иван Лендл, Стефан Едберг, Андре Агаси, Горан Иванишевиќ… кои со повеќе или помалку успех работеа како тренери. Тој откри и која е главната пречка:
„Не се гледам себеси постојано на тој пат. Да се биде тренер значи токму тоа, и не се вклопува во мојот сегашен живот. Кога имате мали деца, го гледате животот поинаку“, нагласи Шпанецот кој стана татко по втор пат пред три месеци. Неговиот прв син има три години.
Сепак, овие зборови не значат дека еден ден нема да го видиме Надал, повторно блиску до теренот.
„Селектор во Дејвис Купот или Лејвер Купот, зошто да не? Би било забавно за мене. А можеби и не. Тукушто се пензионирав, прерано е за вакви пресврти. Не размислувам за тоа во моментов“.







