„Војната“ во македонскиот фудбал се провлекува трети ден и ова утро сведочевме на нова реакција од Игор Ангеловски по вчерашната изјава која ја даде претседателот Масар Омерагиќ, а во период кога навистина не вреди да се дефокусира репрезентаијата од вистинските цели, со смирувачка порака во јавноста се јави Николче Новески.
Легендарниот дефанзивец беше еден од луѓето на Омерагиќ кои беа дел од специјалната комисија која го избра новиот селектор Гоце Седлоски, а како човек кој секогаш говореше само кога има потреба и за време на играчката кариера, Николче сега со својот став се обиде да ја смири тензијата.
– Мислам дека е време за нови лица и создавање на нови стручни кадри во македонскиот фудбал. Секој треба да добие шанса за работа, а само времето ќе покаже дели довербата е оправдана.
– Македонскиот фудбал и репрезентацијата не смеат да бидат заложници на поединец, особено не на човек кај кого личната суета и карактерот излегуваат во преден план, – порача Новески, јасно алудирајќи на поранешниот селектор Ангеловски.
– Во овој момент потребна ни е целосна поддршка за репрезентацијата, потребна е ангажираност и сплотеност од сите оние што мислат добро за националниот тим. Не се потребни обиди за самопромоција и поделби. Репрезентацијата е над секое име и над секој личен интерес. Лични битки и фрустрации не и носат ништо добро на Македонија, – заврши Новески.







