Иако се уште не е отворен зимскиот преоден рок калчолигашот Милан веќе го договори првото засилување кое доаѓа од Премиер лигата.
Клубот од Милано си подаде рака со Вест Хем за ангажман на германскиот интернационалец Никлас Филкруг. Трансферот ќе биде потврден кога официјално ќе се отвори трансфер „прозорецот“, а италијанските медиуми пренесуваат дека Филкруг веќе го избрал и бројот со кој ќе настапува за Милан.
Според „ДАЗН“ и „Скај Спорт Италија“ тој ќе носи „деветка“ што дефинитивно е совршено сценарио за него. Инаку оваа операција е позајмица до крајот на сезоната по што „црвено-црните“ ќе можат да го откупат договорот за сума меѓу 11 и 13 милиони евра.
Во исто време според „Фудбал Италија“, Милан веќе ја планира наредната сезона и една од целите е да се доведе голгетер, а на врвот на листата е Душан Влаховиќ кој ќе биде слободен играч од 30 јуни.







