Ако пиеш не вози, ако возиш немој да пиеш, секој живот е важен: новогодишна кампања за безбедност во сообраќајот

Макфакс

24/12/2025

10:00

245

Големина на фонт

а а а

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на новогодишните и божиќните празници ја реализира новогодишната кампања за подигнување на јавната свест за ризиците од управување на моторни возила под дејство на алкохол.

Празничниот период е карактеристичен по зголемена раздвиженост на населението, зголемен интензитет на сообраќајот, новогодишни прослави и семејни дружби, што објективно го зголемува ризикот од настанување на сообраќајни незгоди со тешки последици, истакнуваат од таму.

„Алкохолот значително ги нарушува психофизичките способности на возачот, ја намалува концентрацијата, го продолжува времето на реакција и ја компромитира способноста за правилна проценка и донесување одлуки во сообраќајот.

Управувањето на возило под дејство на алкохол не претставува само прекршување на сообраќајните правила и прописи, туку и сериозен безбедносен ризик кој директно ги загрозува животот и здравјето на возачите, патниците и останатите учесници во сообраќајот.



Последиците од ваквото неодговорно однесување често се трајни и ненадоместливи – за поединците, семејствата и општеството во целина.

Во таа насока, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува јасен и недвосмислен апел до сите учесници во сообраќајот:

• да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол;

• навремено да планираат безбедна алтернатива за превоз ( јавен превоз, такси-служба );

• доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на ограничувањата на брзината на движење, почитување на сообраќајната сигнализацијата и користење на заштитна опрема;

• да покажат зголемена внимателност и одговорност кон ранливите категории на учесници во сообраќајот.

Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите. Со почитување на законските прописи и одговорно однесување во сообраќајот, секој поединец може да придонесе празничните денови да бидат исполнети со радост и среќа, а не со трагични последици“