Студените денови носат нови навики во секојдневното возење, а едно од најчестите прашања кај возачите е што да се направи за моторот на автомобилот што побрзо да достигне работна температура. Многумина веруваат дека мирувањето на паркинг со вклучен мотор е најдобро решение, но тоа всушност не ја подигнува температурата на моторот до оптимално ниво.
Еден од корисните совети е веднаш по стартувањето на моторот, во првите неколку минути, да го исклучите греењето во кабината.

Причината е едноставна: кога греењето е вклучено, вентилаторот користи циркулација на течноста за ладење за да ја загрее внатрешноста на возилото преку таканаречениот разменувач на топлина. Со тоа се намалува температурата на течноста за ладење, па моторот побавно се загрева и подолго останува под работната температура.

Ако сакате побрзо да го загреете моторот и истовремено да ја намалите потрошувачката на гориво, најдобро е греењето да остане исклучено неколку минути по стартувањето. Нема да изгубите многу на комфор, бидејќи додека моторот е студен, од вентилацијата и онака излегува ладен или млак воздух.

Дополнително, експертите советуваат по стартувањето да тргнете со умерено возење, без нагли забрзувања и високи вртежи. На тој начин моторот побрзо и побезбедно ќе ја достигне работната температура, ќе се намали абењето на механичките делови и ќе се обезбеди подолг работен век на возилото.





