Полскиот претседател Карол Навроцки денеска му рече на својот украински колега Володимир Зеленски дека Украинците недоволно ја ценат полската помош во војната против Русија.
Обвинувањето, изнесено на заедничка прес-конференција во Варшава, потсетува на драматичниот судир меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во февруари, кога американскиот потпретседател Џ. Д. Венс го обвини украинскиот лидер за непочитување и неблагодарност за американската помош.
Полска прими повеќе од еден милион украински бегалци од почетокот на руската инвазија во 2022 година и е меѓу главните снабдувачи на Украина со оружје. Таа е и главна рута за испраќање западна воена и хуманитарна помош во земјата зафатена од војна.
„Полјаците чувствуваат дека нашиот напор, повеќекратната помош за Украина од почетокот на инвазијата од целосен обем, не е доволно ценета или разбрана“, рече полскиот претседател.
Тој додаде дека тоа му го пренел на Зеленски во „одлучен и искрен, но и срдечен разговор“.
Зеленски нагласи дека „Украина секогаш ѝ била благодарна на Полска и така ќе остане“. Тој изјави дека Украина „ја брани Европа“ од Русија, по цена на многу човечки жртви.
„Русија сака раздор, сака да уништи силен сојуз… сојуз на две нации, низ многу генерации. Нема да им го дозволиме тоа“, рече Зеленски.
Навроцки претходно побара и подобра соработка во врска со масакрот на речиси 100.000 Полјаци во Волин, регион во северозападна Украина, извршен од украински националисти од 1943 до 1945 година. Навроцки тврди дека станува збор за геноцид и го обвинува Киев дека не сака да ја признае одговорноста.
Варшава, исто така, го обвинува Киев дека одолговлекува со ексхумацијата на жртвите.
Зеленски во четвртокот изрази добра волја во однос на овие прашања.
„Полската страна сака да го забрза тој процес, а украинската страна е подготвена да направи чекор кон тоа. Тоа не се само зборови, туку конкретни мерки“, рече тој.
Зеленски во објава на платформата „Икс“ по средбата го поздрави „новиот почеток“ во односите со Полска.
„Лоши вести за Путин“, додаде тој.











