[ВИДЕО] Херојот од плажата Бондај доби чек од 1,65 милиони долари, погледнете ја неговата реакција

Макфакс

19/12/2025

17:48

1.514

Големина на фонт

а а а

Херојот што му ја одзеде пушката на еден од напаѓачите за време на масовното пукање на плажата Бондај во Австралија денеска доби чек од повеќе од 1,65 милиони долари (2,5 милиони австралиски долари). Парите беа собрани преку донации од десетици илјади луѓе ширум светот, објави „Ројтерс“.

Ахмед ал Ахмед се скри зад паркирани автомобили пред да се нафрли на еден од напаѓачите одзади, грабнувајќи му ја пушката и соборувајќи го на земја. Тој се здоби со прострелни рани, откако беше застрелан од вториот напаѓач, а моментално се опоравува во болница по операцијата.

Огромен чек му беше врачен во неговиот болнички кревет од Закери Дерењовски, инфлуенсер на социјалните медиуми и коорганизатор на кампањата GoFundMe. На таткото на две деца му беше врачен чек од точно 2.533.585 австралиски долари.

Повеќе од 43.000 луѓе од целиот свет учествуваа во собирањето средства, вклучувајќи го и милијардерот и менаџер на хеџ фондови Бил Акман, кој донираше 99.999 австралиски долари.

Кога му беше врачен чекот, Ахмед праша: „Дали го заслужувам ова?“, на што Дерењовски одговори: „Секој денар“. Кога го прашаа што би им рекол на луѓето што донирале, Ахмед рече: „Ајде да застанеме заедно, сите човечки суштества. И да ги заборавиме сите лоши работи… и да продолжиме да спасуваме животи“.

„Кога спасував луѓе, го правев тоа од срце затоа што беше прекрасен ден, сите уживаа славејќи, со своите деца, жени, мажи, тинејџери, сите, сите беа среќни и заслужуваат, заслужуваат да уживаат“, додаде Ахмед, кревајќи ја неповредената тупаница во воздух.

„Оваа земја е најдобрата земја во светот, најдобрата земја во светот, но ние нема да стоиме настрана и да гледаме – доста е. Бог да ја чува Австралија“.

Ахмед, кој е сопственик на продавница за тутун, не откри за што ќе ги потроши парите.

Ахмед, 43, го напуштил својот роден град во северозападната сириска покраина Идлиб пред речиси 20 години за да бара работа во Австралија.

Во нападот што се случи во неделата загинаа 15 лица, а десетици беа ранети откако две вооружени лица отворија оган врз луѓе што ја славеа Ханука, еврејскиот фестивал на светлата, на познатата плажа. Властите соопштија дека нападот го извршиле 50-годишен татко, кој бил застрелан од полицијата, и неговиот 24-годишен син, кој е во критична состојба.