Со свечена церемонија на улицата Виенска, денес официјално беше отворен Почесниот конзулат на Република Австрија во Битола, чин што носи силна дипломатска, историска и симболична порака за обновување и продлабочување на односите меѓу Република С. Македонија и Република Австрија, со посебен фокус на Пелагонискиот регион.
Настанот ги обедини претставниците на дипломатскиот кор, државните институции, локалната самоуправа, бизнис и културната заедница, потврдувајќи ја улогата на Битола како град на дијалог, култура и европска дипломатска традиција.
Почесниот конзул на Република Австрија во Битола, Игор Божиновски, потсети дека токму австрискиот конзулат во 19 век бил првото дипломатско претставништво не само во Битола, туку и на територијата на денешна С. Македонија, нагласувајќи дека отворањето денес не е почеток од нула, туку продолжување на повеќе од 170 години стара врска меѓу Виена и Битола.
„Ако во 19 век конзулатот бил симбол на отворање кон светот, денес сакам да биде симбол на ново партнерство - практично, живо и видливо преку конкретни дела“, истакна Божиновски, посочувајќи дека неговата визија е насочена кон јакнење на економската соработка, создавање културни мостови и отворање нови можности за младите.

Амбасадорот на Република Австрија во нашата земја, Неговата Екселенција Мартин Памер, во своето обраќање оцени дека денешниот ден е „Добар ден за Битола и за продлабочување на динамичните односи меѓу двете земји, особено во областа на бизнисот и културата“.
Тој ја потенцираше историската улога на Битола како „град на конзулите“, повлекувајќи паралела со европските дипломатски центри од минатото, и нагласи дека новиот конзулат ќе придонесе кон зајакнување на австриското присуство во југозападниот дел на земјата. „Битола била, е и ќе биде сè повеќе град на средби“, порача амбасадорот, истакнувајќи ја поддршката на Австрија за европската перспектива на земјата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, нагласи дека отворањето на Почесниот конзулат претставува официјална потврда на одличните билатерални односи меѓу двете земји.
„Овој чин има силна дипломатска и институционална вредност, затоа што ја приближува дипломатијата до граѓаните и ја зацврстува соработката на локално и национално ниво“, истакна министерот.


“Битола не е случајно град на конзулите. Таа била и останала природна точка на средба меѓу различни култури, јазици и интереси. Град што знаел да разговара, да посредува и да живее со Европа уште пред тоа да биде политички концепт“, истакна Муцунски, додавајќи дека токму ваквите градови ја носат вистинската смисла на дипломатијата онаа што се чувствува во секојдневниот живот, архитектурата и културниот ритам.
Тој подвлече дека отворањето на Почесниот конзулат на Република Австрија во Битола не е само административен чин, туку враќање на една историска логика: „Кога дипломатска адреса се отвора во Битола, таа не се отвора од куртоазија, туку затоа што градот има меморија, идентитет и капацитет да биде мост меѓу државите.“
Министерот оцени дека Битола е пример како локалниот контекст може да ја засили државната дипломатија и дека ваквите институции се клучни за градење доверба, економска соработка и европска перспектива на земјата.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, подвлече дека отворањето на конзулатот е признание за Битола како град со силен европски дух и дипломатско наследство.
„Фактот што почесниот конзулат се наоѓа токму на Виенска улица носи длабока симболика и потсетува на историските врски меѓу Битола и Австрија“, изјави Коњановски, нагласувајќи дека локалната самоуправа ја гледа оваа институција како можност за нови соработки во културата, економијата, туризмот и образованието.
Со свеченото откривање на грбот и сечењето на лентата, Почесниот конзулат на Република Австрија во Битола и официјално го започна своето работење, означувајќи ново поглавје во австриско–македонските односи и уште една европска точка на дипломатската мапа на градот.


























