Со 500.000 евра дневно, Македонија е меѓу најголемите приматели на помош од ЕУ по жител во регионот

Точка

19/12/2025

14:39

207

Големина на фонт

а а а

Северна Македонија и понатаму е една од државите со најголема поддршка од Европската Унија по жител, во целиот Западен Балкан. Европската Унија секојдневно вложува над 500.000 евра во реформи, инфраструктура, поврзување и буџетска поддршка - јасен доказ за силното европско партнерство и долгогодишната посветеност кон развојот на земјата.

Во рамките на Планот за раст и реформи на ЕУ, земјата има пристап до 750 милиони евра грантови и поволни заеми до 2027 година. Тоа значи дека секој ден се обезбедуваат повеќе од 500.000 евра поддршка, од кои 170.000 евра се неповратни средства.

Европската Унија инвестира во зајакнување на институциите и системите во државата, преку програми насочени кон владеење на правото, образованието, јавната администрација, животната средина, земјоделството и дигиталната трансформација. Овие резултати често се структурни и долгорочни - не секогаш веднаш видливи, но суштински за напредокот на државата.

Поддршката е насочена и кон реформи што бараат време, континуитет и национална посветеност, а важен дел од неа е и транспарентноста: секое евро е поврзано со јасни критериуми, ревизии и индикатори за учинок.

Покрај тоа, помошта од ЕУ значајно ги олеснува развојните притисоци во државата. Таа овозможува изградба на модерна инфраструктура и подобра поврзаност, инвестиции во обновливи извори и енергетската транзиција, заштита на животната средина, поддршка за малите и средни претпријатија, како и програми за вработување, социјална инклузија, образование и млади. Сите овие вложувања создаваат стабилна основа за одржлив и долгорочен економски раст.