Антонио Конте го подготвува тимот за полуфиналето против Милан во италијанскиот Суперкуп, натпревар на кој ќе може да смета на услугите на Ромелу Лукаку после четири месеци.
После точно 125 дена пауза, Лукаку се врати во тимот на Наполи и ќе конкурира за настап вечерва во Ријад, па иако не е познато дали ќе добие одредена минутажа, Конте нагласи дека ќе мора добро да се менаџира кам-бекот на Белгиецот.
Конте се соочи со безброј повреди на важни играчи од стартот на сезоната, па нагласи дека нема да презема никаков ризик со Белгиецот доколку има и најмала опасност да се обнови повредата.
– Лукаку нема никаква минутажа во своите нозе и мора да бидеме трпеливи. Мора да бидеме трпеливи со него и да го чекаме вистинскиот момент. Фактот што е назад во групата е доволно добра вест, тој е играч кој има круцијално значење и во соблекувалната, – изјави Конте.
– Лоботка ќе го имаме на располагање, тој одигра едно полувреме против Удинезе. Имаше удар, но не беше сериозно и сега е фит. Тој е подготвен да игра, заедно со МекТоминеј. Тие двајца се природен избор за средниот ред, тука е и Елмас кој одлично се снајде во новата улога. Сепак, мора да ги почитуваме природните карактеристики на играчите и затоа прв избор се Лобо и Скот, – изјави Конте.







