Преносот од доделувањето на годишните награди „Оскар“ на Американската академија за филмски уметности и науки од 2029 година повеќе нема да се емитува на телевизијата „ABC“, туку директно ќе се пренесува на Јутјуб, откако Академијата на филмски уметности и науки склучила ексклузивен повеќегодишен договор со платформата за видеостриминг во сопственост на Гугл.
Како што пренесе „NBC News“ договорот помеѓу Академијата и Јутјуб ќе започне со 101-то доделување на наградите „Оскар“ во 2029 година и ќе трае до 2033 година.
„Воодушевени сме што склучуваме повеќекратно глобално партнерство со Јутјуб за да биде иден дом на Оскарите и нашата целогодишна програма на Академијата“, изјавиле извршниот директор на Академијата, Бил Крамер и претседателката на Академијата, Линет Хауел Тејлор.
Како што рекле, Академијата е меѓународна организација и ова партнерство ќе овозможи проширување на пристапот до работата на Академијата на најголемата можна светска публика, што ќе биде корисно и за членовите на Академијата и за филмската заедница.

Телевизискиот пренос се емитува во живо на телевизијата „ABC“ од 1970-тите години, меѓутоа рејтинзите на наградите „Оскар“ главно опаѓале по врвот во 1998 година, кога филмот „Титаник“ освои 11 трофеи и помогна да се привлечат 55 милиони гледачи.
Најновиот ТВ пренос привлекол речиси 20 милиони гледачи, што е мало подобрување во однос на емитувањето од периодот на Ковид-19 пандемијата, но и понатаму претставува мал дел од публиката која ја следела церемонијата на врвот од нејзината комерцијална и културна моќ.
„Наградите Оскар се една од нашите основни културни институции, која оддава почит на извонредноста во раскажување приказни и уметноста. Партнерството со Академијата за оваа прослава на уметноста и забавата да им се приближи на гледачите ширум светот ќе инспирира нова генерација на креативност и љубители на филмот, а истовремено ќе остане верна на наследството на Оскарите“, изјавил извршниот директор на Јутјуб, Нил Мохан.
Церемонијата, вклучувајќи го и преносот од црвениот килим и сцените „зад кулисите“ ќе бидат достапни бесплатно во живо за гледачите ширум светот, како и на претплатниците на Јутјуб ТВ во САД, соопшти Академијата.







