Шведскиот производител повеќе не е сопственик на рекордот на патеката „Laguna Seca“.
Битката меѓу овие два бренда трае веќе неколку години. Поточно, од 2021 година, откако двата производители пет пати ја разменија титулата за најбрз круг. Погодувате – станува збор за „Czinger“, чиј автомобил е создаден буквално за рушење рекорди.
Целата приказна започна во јули 2021 година, кога „Czinger“ ја шокираше автомобилската индустрија со време од 1:25,44 со тогаш сè уште нецелосно серискиот модел „21C“, со што беше срушен долгогодишниот рекорд на „McLaren Senna“.
„Koenigsegg“ одговори во август 2024 година, за време на „Monterey Car Week“, кога „Jesko“ извозе круг за 1:24,86. „Czinger“ се врати само неколку дена подоцна и дополнително го спушти времето на 1:24,75.
На почетокот од оваа година, „Czinger“ со продукциската верзија на моделот „21C“ тргна на турнеја низ САД и постави пет рекорди на различни патеки, меѓу кои и оној на „Laguna Seca“ со време од 1:24,39. „Koenigsegg“ набрзо возврати со објава за нов рекорд од 1:24,16.
Сега ситуацијата повторно се сврте во корист на американскиот производител. „Czinger“ објави ново време на круг од импресивни 1:22,30, што е речиси две секунди побрзо од последниот резултат на „Koenigsegg“.
Притоа вреди да се истакне дека не зборуваме за етаблирани хиперавтомобилски гиганти како „Lamborghini“ или „Ferrari“. И „Koenigsegg“, а уште поизразено и „Czinger“, се релативно млади играчи во овој сегмент. „Czinger“ се наметнува како можеби најдобар пример за филозофијата на тивка, но исклучително ефикасна изведба. Без голема помпа, овој тим континуирано постигнува фасцинантни резултати на патеките.

Уште во ноември, кога го загуби рекордот, „Czinger“ јавно порача дека ќе се врати и повторно ќе се обиде да го освои првото место. Таквата решителност и доследност се реткост во светот на суперавтомобилите.
Сепак, треба да се спомене дека последниот рекорд на „Koenigsegg“ беше постигнат во специфични услови. Автомобилот мораше да вози во ден со ограничување на бучавата, при што возилата не смееја да надминат 90 децибели. Поради тоа, „Jesko“ доби невообичаено голем придушувач на издувниот систем, како и потешки тркала од вообичаено. Со други зборови, не би било изненадување ако „Koenigsegg“ веќе планира нов обид.

Сега останува да се види дали „McMurtry“ ќе успее да го доведе моделот „Spéirling“ во сериско производство во 2026 година. Ако тоа се случи, тешко е да се очекува дека, барем во оваа деценија, некој ќе успее да го надмине – без разлика дали станува збор за „Koenigsegg“ или „Czinger“.
Да потсетиме, „Czinger 21 C“ е американски хиперавтомобил дизајниран со фокус на екстремни перформанси и иновативна технологија. Го придвижува хибриден погонски систем кој комбинира twin-turbo V8 мотор и електромотор, со вкупна моќност од над 1.250 коњски сили, што му овозможува извонредно забрзување и врвни динамички способности. Благодарение на лесната карбонска структура и напредната аеродинамика, „21C“ постигнува неверојатни резултати на патеката. Неговите перформанси се споредливи со најексклузивните хиперавтомобили во светот, со забрзување до 100 km/h за околу 1,9 секунди и максимална брзина што надминува 400 km/h. Цената на „Czinger 21 C“ е на барање и се движи во милионски износи.












