Речиси никогаш не можеме да го слушнеме Доналд Трамп како кажува нешто лошо за „силните луѓе“ и авторитатните лидери од Блискиот исток.
Така саудискиот лидер Мохамед Бин Салман го нарекол „фантастичен“ и „брилијантен“, велејќи дека „она што го направил е неверојатно во смисла на човекови права и сè останато“. Меѓутоа според организациите за човекови права, само оваа година Саудиска Арабија егзекутирала повеќе од 240 лица, честопати без правична постапка, пишува Дојче Веле.
Што се однесува до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, американскиот амбасадор во Турција го опишал односот на Трамп со Ердоган како „броманс“, односно братска љубов помеѓу нив двајцата. „Тој е тврд залак, но пријател ми е. Не знам зошто повеќе ми се допаѓаат тврдите од меките, лесни луѓе“, рекол Трамп по средбата со Ердоган.
Новиот став на САД кон авторитарните лидери
Претходните американски власти ги условувале воените договори со Блискиот исток со почитување на човековите права и демократијата. Но, според ажурираната стратегија за национална безбедност објавена месецов, тоа повеќе не е приоритет.

Во документот од 2022 година, за време на мандатот на Џо Бајден, САД се обврзале да ги поддржуваат земјите што го почитуваат меѓународниот поредок заснован на правила и барање одговорност за кршење на човековите права. Во промените што ги направила администрацијата на Трамп, човековите права воопшто не се споменуваат.
За Блискиот исток едноставно се вели дека САД мора да престане да „врши притисок врз овие нации, особено заливските монархии, да ги напуштат своите традиции и историскиот облик на владеење“. На европските форми на владеење не им е посветено истото внимание; во Европа се планира поддршка на десничарски и анти ЕУ политички партии.
Зошто Трамп ги претпочита монархиите во Заливот
„Персонализираниот стил на донесување одлуки и авторитарните инстинкти на Трамп го прават поприроден „силен човек“ од демократските лидери“, изјавил Кристијан Коутс Улрихсен, истражувач за Блискиот Исток. Лидерите на земјите од Заливот заземаат „безбеден простор“ од трансакциски, но блиски партнери.
Андрес Криг, експерт од Кингс колеџот, додал: „Трансакционализмот на Трамп наоѓа природен дом во Заливот. Премисата е едноставна: добивате она за што плаќате“. Катар му даде на Трамп авион од 400 милиони долари, додека ОАЕ и Саудиска Арабија ветиле дека ќе инвестираат стотици милијарди во американската економија.
Трамп го цени недостатокот од ограничувања на политичкото делување на овие авторитарни лидери, од кои особено има корист во својот втор мандат. Кралските семејства на Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар управуваат со своите закони, не зависат од наклонетоста на граѓаните и не толерираат политичко несогласување.
Во февруари 2025 година, на „Truth Social“ Трамп се опиша себеси како член на кралското семејство: „ДА ЖИВЕЕ КРАЛОТ!“. Официјалниот Инстаграм профил на Белата куќа сподели илустрација нацртана со вештачка интелигенција на која Трамп носи круна.
Трансформација на меѓународниот систем
Во списанието „International Organization“, професорите Стејси Годард и Абрахам Њуман го опишале афинитетот на Трамп кон Блискиот Исток како дел од систем на „нео-ројализам“. Тоа е меѓународен систем структуриран од мала група хиперелити кои користат модерни економски и воени меѓузависности за да извлечат материјални и статусни ресурси за себе.
„Визијата на Трамп за апсолутен суверенитет и потпирање на клика оставена од членови на семејства, жестоки лојалисти и елитни хиперкапиталисти управува не само со американската надворешна политика, туку и со самото негово уредување на меѓународните односи“, напишале авторите. Трамп смета дека одредени лидери се носители на нешто слично на монархиски суверенитет и им дава приоритет на односите со нив.

Системите засновани на кралски семејства постојат со векови, но сега сме сведоци на „трансформација на меѓународниот систем што се случува еднаш во генерација“, истакнал Њуман. Слични системи се појавуваат во Турција, Индија, Унгарија, Кина и Русија. Воената и економската моќ на САД го забрзуваат ширењето на овие практики.
Европската Унија под притисок
Нео-ројализмот сè уште не е консолидиран, а за негово зацврстување мора да се поткопа либералниот поредок базиран на правила. ЕУ, како главен претставник на овој поредок, е изложена на напади. Тоа е дел од причината зошто ЕУ – која се смета за главен претставник на тој поредок е изложена на напади. Тоа е исто така дел од причината зошто Трамп ги фаворизира монархиите од Заливот, истакнал Њуман.
„Во овој (нео-ројалски) систем, легитимизирани сте преку исклучителност. Поради тоа, вие сте апсолутен владетел. Па чие одобрување сакате? Секако, одобрувањето од други „апсолутни владетели. А Блискиот Исток е плодна почва за тоа“, објаснил политикологот.

„Важно е дека ако сакате да ја промовирате оваа (нео-ројалска) алтернатива, мора да го нормализирате ова однесување, да го легитимизирате. Овие актери – Ердоган, Саудиската династија Сауд или ОАЕ или Катар – можат да обезбедат таква легитимност. Тие му нудат на Трамп начин да каже „ова е нормално, она што го правам е нормално“.
















