Ханси Флик во изминатите неколку дена во повеќе наврати нагласи дека Жоан Гарсија е сигурна „единица“ на голот на Барселона во Ла Лига и Лигата на шампиони, но одлуката која ќе ја донесе вечерва во пресрет на натпреварот во Купот, треба да даде одговор на едно доста важно прашање во пресрет на јануарскиот преоден рок.
Голманското прашање во Барселона е најсложено откако клубот одлучи да задржи три звучни имиња изминатово лето, па во ситуација кога Гарсија е стандарден стартер, Марк Андре Тер Штеген и Војчех Шчесни ќе се борат за минутажа во Купот и на помалку важни натпревари.
Тер Штеген досега не беше во комбинација за настап поради повреда, но откако се врати во тимот, допрва треба да дознае дали е втор, или дури трет голман во замислите на Ханси Флик.
Доколку Тер Штеген не биде поставен на голот на денешниот натпревар против Гвадалахара во Копа дел Реј, тоа ќе биде јасен сигнал за Германецот дека треба да си бара клуб уште во јануари, сценарио кое всушност би било најпрофитабилно за него со оглед на амбициите кои ги има за Светско првенство.
Флик на прес-конференцијата пред натпреварот не сакаше да открива дали ќе му даде предност на Тер Штеген или Шчесни, па медиумите најавуват дека неговата денешна одлука ќе одигра круцијална улога во пресрет на преодниот рок во кој Германецот може да се најде во ситуација да си бара нова средина.
Тер Штеген е играч со најдолг стаж во првиот тим на Барселона, а како еден од капитените сигурно не може да биде воопшто задоволен од статусот кој го ужива во изминатите месеци.







